Изгребаната асфалтна маса од обиколницата се користи за тампонирање улици

216

Со поддршка и во договор со Јавното претпријатие за државни патишта, Општина Кочани ја користи асфалтната маса што се гребе од коловозот на обиколницата и со неа се врши тампонирање на дел од неасфалтираните улици.

Со активноста се опфатени сообраќајниците што се сметаат за најкритични меѓу кои и кракови од улиците „Кирил и Методиј“, „Енгелсова“ „Солунска“, „Борис Трајковски“ и неколку други во градот, како и улици во Оризари и Долни Подлог, а во план е и тампонирање на сообраќајници во Грдовци.

– Придобивки од рехабилитацијата на обиколницата се двојни, добиваме обновен асфалтен коловоз на дел од магистралниот пат А3 кон Бугарија, а истовремено го искористуваме отстранетиот асфалт за подобрување на сообраќајниот пристап за граѓаните во градот и во дел од населените места во општината. Топлото време помага во зацврстувањето на асфалтната маса и придонесува за делумно подобрување на состојбите на улиците со нерешена инфраструктура, истакна градоначалникот на Кочани- Николчо Илијев.

Според стручните служби од Општина Кочани, со изгребаната асфалтна маса досега се тампонирани улици во должина од над три километри, а со оглед што реконстуркцијата на обиколницата сè уште е во тек, се очекува да се добијат дополнителни количини што ќе бидат распоредени и на други улици селските населби.

Од Секторот за урбанизам нагласија дека не се работи за трајно решение, туку целта е да се искористи асфалтната маса што се добива од репарацијата на коловозот на обиколницата околу Кочани. Во наредниот период тампонираните улици ќе влезат во програмата за изградба и асфалтирање, со што ќе го добијат стандардното инфраструктурно уредување.