Изгорената шалтер сала на Пошта засега нема да се реконструира

142

Министерството за култура се уште се нема договорено со „Македонска пошта“ за реконструкција на Шалтер салата на главна Пошта, во центарот на Скопје, која изгоре во пожар пред повеќе од 11 години.

– Во однос на реконструкцијата за шалтер-салата, за жал не. Мене ми беше тоа многу голема желба, затоа што имавме и проект имавме и обезбедени средства, меѓутоа тие одлучија дека, како за Универзална, тие се сентиментално врзани за тој дел од Пошта и за нив тоа ќе значеше губење на еден дел од нив. И не успеавме да изнајдеме начин за да може на тој начин да се реконструира. Се надевам дека по завршувањето на изборите повторно ЕУ Делегација ќе разговара со нив, макар да биде повторно во нивно владение, меѓутоа ќе мора да го поминеме, во најмала рака, овој процес (како за Универзална). Правото на реконструкција делумно да се префрли во Градски конзерваторски и да можат да ја реконструираа, па после за намената нека се договорат тие меѓусебно – рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска на прес-конференција.

Лани во декември, Владата донесе одлука дека треба претставници од Пошта, од Министерството за култура, од Управата за заштита на културното наследство, градски конзерваторски центар кои го имаат изработено идејното решение за реконструкција на шалтер салата и Катастар да седнат на маса и да донесат одлука за реконструкцијата. Министерката тогаш потенцираше дека токму поради тоа што шалтер-салата е откриена уште од настанувањето на пожарот во 2013 година, процесот на реконструкција е забрзан.