Кисела Вода – единствената македонска општина дел од мрежата на Партнерството за отворена власт

52

Денес, Партнерството за отворена власт (ПОВ) објави дека Кисела Вода е една од новите 55 нови општини на својата растечка мрежа од 75 земји, кои ги унапредуваат иницијативите за отворена власт во светот.

– Како единствена општина од Македонија, која беше избрана меѓу 138 апликанти, за Кисела Вода ова претставува значаен чекор во поттикнувањето на транспарентноста, учеството на граѓаните во креирањето на локалните политики и одговорноста на локално ниво. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес оствари средба со партнерите во овој процес, директорот на ИРИ, Крис Бренан, и високите претставници од ИРИ, Илина Мангова и Марија Саздевски, со националниот координатор за ПОВ, Гордана Гапиќ-Димитровска од МИОА, како и со претставниците од здружението КРИК, Константин Карадафов и Ангела Здравковска. Од сите нив доби честитки за успехот, како и за целата досегашна работа, за ентузијазмот и најавениот акциски план, кој ќе ја унапреди состојбата во општината и пошироко, со оглед на тоа што градоначалникот Ѓорѓиевски е и претседател на ЗЕЛС, а Кисела Вода исто така е дел од Б40-мрежата на градови од Балканот – информираат од Општината.

Градоначалникот го изрази своето задоволство што преку можноста да се биде дел од Партнерството за отворена власт (ПОВ) на граѓаните ќе им се овозможи зголемена транспарентност и со тоа зголемена доверба во институцијата.

– Чест и привилегија е да се биде дел од Партнерството за отворена власт (ПОВ), од оваа значајна мрежа на општини од светот, кои преку својата работа во изминатите 15-ина години дадоа големи резултати во насока на отворање на институциите кон граѓаните. Драго ми е што нашите досегашни заложби и реализирани проекти во изминатите две години, со посебен акцент на зголемената транспарентност и дигитализацијата, беа препознаени помеѓу други 138 апликанти и Општина Кисела Вода денес ги доби овие убави вести. Ова за нас како Општина и за мене како градоначалник претставува уште поголема обврска за да испорачаме уште подобри политики за граѓаните. Стекнатото знаење и помошта од експерти, кои треба произлезат од членството во ПОВ, за Општина Кисела Вода ќе значи постигнување уште подобри резултати во транспарентноста, учеството на граѓаните во креирањето на политиките и одговорноста на локално ниво. Со оглед на тоа што сум и претседател на ЗЕЛС, ова ќе овозможи споделување на позитивните искуства со другите 80 општини, со што бенефитот ќе го почувствуваат и другите граѓани од државата. Верувајќи во сопствените потенцијали, сметаме дека со членството во ПОВ ќе можеме да го стимулираме развојот и на други членови на оваа престижна организација и градење капацитети, кои ќе бидат мостови при решавањето на проблеми од сличен карактер – рече тој.

Партнерството за отворена власт (ПОВ) е доброволна меѓународна иницијатива почната од осум земји во 2011 година. Република Македонија веднаш по почнувањето стана дел од оваа глобална инцијатива во рамките на која владите и граѓанските организации се залагаат за влади, кои се поотворени и поодговорни кон граѓаните. Денес, во иницијативата учествуваат 78 земји членки и голем број граѓански организации.

Со приклучувањето кон иницијативата Владата на Република Македонија потпиша декларација, со која се обврза заедно со граѓанските организации и граѓаните да подготвува и спроведува конкретни заложби за промовирање на транспарентноста, поддршка на граѓанското учество, борба против корупцијата и искористување на новите технологии во јавната администрација и надвор од неа за поддршка на иновациите и слично. Покрај процесот на ПОВ од извршната власт, во нашата земја се спроведуваат исти процеси и од страна на законодавната („Отворен парламент“), судската власт („Отворено судство“), а сега веќе со членството на Општина Кисела Вода и од локалната власт.