Зимава скопјани ќе се греат на парно, струја и пелети, ама има и такви кои ќе горат и стари паркети

333

Од стовариштата велат дека оваа година имаат намалена продажба на огревно дрво што се должи на тоа што луѓето се преориентираат на пелети, но и за греење да користат инвертери или други грејни тела на електрична енергија, без разлика што струјата поскапе. Сметаат дека овие начини на загревање помалку загадуваат, а за дрвата има дополнителни трошоци за сечење, цепење… Многу од нашите сограѓани нема да бидат во можност да користат од погоре посочените начини на затоплување, па на социјалните мрежи се споделуваат фотографии како посиромашните граѓани се снабдуваат со стари паркети или ламинати кои биле исфрлени пред згради при реновирање

Субвенциите што ги дава државата, Градот Скопје и општините за купување инвертери и печки на пелети, даваат резултати.

Од стовариштата што ги контактираше весникот ВЕЧЕР изјавија дека оваа година помалку им се троши огревното дрво, иако продажната цена е иста како и лани. Оттаму велат дека иако цената на струјата е зголемена, оваа година луѓето повеќе се одлучуваат за греење да користат инвертери или други грејни тела на електрична енергија, но и да се греат на пелети.

Од стовариштето „Јасен“ велат дека побарувачката на огревно дрво за разлика од лани е помала.

– Луѓето се преориентираат на пелети и електрична енергија. Тоа помалку загадува, а за дрвата има дополнителни трошоци за сечење, па потоа за цепење. Пелетите само се ставаат во печката и не е потребно ништо друго – објаснува Гоце Ставревски, раководител на Одделението за искористување и заштита на шума во „Јасен“.

Во ова стовариште цената на дабот е 3.150 денари за просторен метар, вклучувајќи го и транспортот до дома, а дрвата се сечени метарски. Буката, пак, е за 100 денари поевтина и чини 3.050 денари за просторен метар.

Дека побарувачката на огревно дрво годинава е слаба потврдуваат и од стовариштето „Јурија Шефо“.

– Не се купува огревното дрво како претходните години. Луѓето немаат пари, општа криза е – нагласуваат од ова стовариште.

Велат дека имаат само бука чија цена се движи од 2.800 до 3.000 денари за просторен метар во зависност од квалитетот на дрвото, дали дрвата се криви или потенки или подебели.

Намалена продажба на дрво за затоплување забележале и од стовариштето „Воденица ком“.

– Можеби е заради тоа што луѓето се повеќе користат пелети и се греат на електрична енергија. Велат тоа било поекономично и поевтино. А и луѓето немаат пари сметаат од „Воденица ком“.

Во ова стовариште дабот се продава по 3.600 денари за просторен метар, додека буката по 3.300 денари со превоз и сечење, но без цепкање.

Во стовариштето „Караџица“, пак, рекоа дека потрошувачката на огревно дрво кај нив е нормална.

– Ние секогаш имаме побарувачка. Тоа што се промовира користењето на инвертери и печки на пелети кај нас сè уште не е заживеано – потенцираат од „Караџица“. Кај нив буката се продава по цена од 2.371 денар, додека дабот по 2.452 денари за просторен метар.

Со оглед на економската ситуација во државата предизвикана од ковид кризата, многу од нашите сограѓани нема да бидат во можност да користат од погоре посочените начини на затоплување на своите домови. На социјалните мрежи се споделуваат фотографии како посиромашните граѓани се снабдуваат со стари паркети или ламинати кои биле исфрлени пред згради при реновирање.

– Што да прават, беспарицата и немаштијата си го прават своето. Доаѓа зимата и секако луѓето ќе горат што ќе најдат за да си го стоплат домот. Нема секој да купи дрва, толку луѓе останаа без работа – се вели меѓу другото во коментарите по социјалните мрежи.

Такви случаи очекува и скопскиот градоначалник Петре Шилегов, кој на прес конференцијата на која го најави продолжетокот на кампањата против палење на оган на отворено која ќе се спроведува четврта година по ред, истакна дека палењето огнови на отворено најчесто е последица на несовесноста на одредени граѓани, но тоа често е и единствен начин за затоплување во студените зимски денови на нашите сограѓани кои немаат соодветно сместување.

– Она што претставува дополнителен проблем е тоа што во ваквите случаи овие луѓе најчесто горат пластика, гуми, неквалитетни дрва и слично кои исклучително штетно влијаат на загадувањето на воздухот – потенцира Шилегов.

(А.П.)