Земјоделците останаа политички поделени, незадоволни и со празни раце

Дел од земјоделците кои ги контактираше весникот „Вечер„ не сакаа да ги коментираат земјоделските протести за да не останат и без тие субвенциите кои ги земаат во моментов, дел велат дека своето мислење ќе го кажат по изборите, а оние кои не ги поддржаа се со став дека Владата и Министерството за земјоделство, иако не целосно, сепак ги задоволиле нивните барања

272

По земјоделските протести кои се организираа викендов во јавноста се појавија многу шпекулации, поделени мислења и ставови околу тоа дали протестите се политички мотивирани или земјоделците токму сега пред избори најдоа да го искажат своето незадоволство. Сепак, како и секогаш и во овој пат земјоделците мораа да се поделат дали се со едните или со другите, односно дали ги поддржуваат или не земјоделските протести.

Дел од земјоделците кои ги контактираше весникот „Вечер„ не сакаа да ги коментираат земјоделските протести за да не останат и без тие субвенциите кои ги земаат во моментов, дел велат дека своето мислење ќе го кажат по изборите, а оние кои не ги поддржаа се со став дека Владата и Министерството за земјоделство, иако не целосно, сепак ги задоволиле нивните барања.

Водачите на земјоделските протести велат дека излегле на протест бидејќи не се исполнети голем дел од нивните барања. Инаку министерот за земјоделство неделава го потврди ставот дека протестите се политички мотивирани и оти опозициската ВМРО-ДПМНЕ е еден од организаторите. Според него, земјоделците нема причина да штрајкуваат бидејќи се реализирани сите барања на земјоделците.

Земјоделците кои ги поддржаа земјоделските протести велат дека ветувањата дека оризовата арпа ќе се откупува за 25 денари, а белиот ориз за 60 денари и после 3 години останаа само ветувања. Најголемиот револт на оризопроизводителите доаѓа од ветувањата на оваа влада која пред да дојде на власт вети дека цената на оризовата арпа ќе биде 25 денари, а на белиот ориз 50 денари минимум. Од тие ветувања нема ништо затоа што сè уште оризовата арпа се откупува од 13 до 18 денари, а белиот ориз од 40 до 45 денари.

Меѓу другите е и барањето на земјоделците субвенциите да бидат 30.000 денари по хектар, бидејќи истите беа 18.000 денари, а оваа власт ги намали на 6.000 денари, па ги покачи на 12.000 денари. Тие бараат за примарната обработка да им следуваат по 30.000 денари субвенција по хектар, затоа што мислат дека тоа ќе биде доволно да ги покријат ѓубривата и останатите трошоци кои ги имаат.

Претседателот на Сојузот на земјоделци, Вељо Тантаров не сакаше да ги коментира земјоделските протести и да заземе став и страна. Тој рече дека ќе почека да поминат изборите, па потоа ќе каже што има.

Поголем дел од земјоделци кои ги контактиравме сметаат дека Владата не ги исполни ветувањата, но оти не сакаат јавно да го кажат својот став да не останат и без тие субвенции кои ги земаат во моментов.

Од Сојузот на одгледувачи на овци излегоа со официјален став дека не ги поддржуваат земјоделските протести бидејќи, како што велат, со донесената интервентна мерка во износ од 400 денари по продадено јагне на регистрирани кланични капацитети можеби не во целост, но МЗШВ ги исполни очекувањата на најголемиот дел од сточарите.

– МЗШВ покажа разбирање на нашите проблеми и донесе интервентна мерка од 400 денари по продадено јагне на регистрирани кланични капацитети, која по прв пат се воведува во практиката. Ставот на најголемиот број на одгледувачи на овци е дека се задоволни со интервентната мерка и оти не го поддржуваат протестот, изјави претседателот на Сојузот, Никола Ѓеоргиев.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ јавно ги поддржуваат земјоделските протести и излегоа со став дека овде нема простор за политика, овде се работи за жива егзистенција на илјадници напатени земјоделци. (А.С)