Здравствениот систем работи 24/7:Лекарите на удар на коронавирусот, новороденче во изолација, за среќа нема ковид-19

Повеќе од 20 лица од медицинскиот кадар се заболени од коронавирусот што е околу 12 отсто од вкупниот број на заболени во Македонија. Деновиве меѓу заразените со овој опасен вирус е и доктор од Психијатриската болница во Демир Хисар. За среќа новороденчето што е на Клиниката за гинекологија не е заразено од ковид-19, а неговата мајка е хоспитализирана на Инфективната клиника

541

Расте бројот на лицата кои заболуваат од ковид-19 меѓу медицинскиот кадар и таа достигна над 20 пациенти, што е околу 12 отсто од вкупниот број на заболени во Македонија. Деновиве меѓу заразените со овој опасен вирус е и доктор од Психијатриската болница во Демир Хисар кој е меѓу 30-те новозаразени во земјава. Тој е асимптоматски случај, затоа болницата ќе продолжи да работи, но нема да прима нови пациенти.

Вкупниот број на заразени во моментот изнесува 384 лица, a меѓу нив за среќа не е новороденчето кое е сместено на Клиниката за гинекологија, неговиот тест е негативен на коронавирус. Но неговата мајка која е од Куманово е позитивна и се лекува на Инфективната клиника.

Во моментот на оваа  клиника хоспитализирани се вкупно 64 пациенти, од нив 8 лица се со потешка клиничка слика. Неколку пациенти се во сосема добра состојба, за што по нивното тестирање, доколку тестовите се негативни, ќе бидат пратени на домашно лекување. Досега повеќе од 17 лица се излекувани.

Како што појасни министерот за здравство Венко Филипче заедно со колегите психијатри од другите институции од Битола и од Прилеп до завршувањето на самоизолацијата  на докторот тие ќе бидат прераспределени токму во оваа болница. По потреба ќе бидат вклучени и психијатри од Охрид, Кичево, Гостивар и Тетово, а за сите пациенти на кои ќе им биде индициран хоспитален третман ќе бидат упатени во другите центри во Битола, Охрид или во Прилеп.

Министерот Филипче е задоволен како се одвива тестирањето и информира дека досега вкупно направени се над 4.100 тестови. Според него, после Словенија во Македонија се направени најмногу тестови на милион жители. Тој појасни дека  нема да се тестираат луѓето кај кои завршила самоизолацијата, а немаат симптоми.

-Стручно мислење на Комисијата за заразни болести е дека нема потреба асимптоматските пациенти да се тестираат. Ова е одлука на епидемиолозите за  лицата каде што е завршена изолацијата и се без индикација за тест – посочи  Филипче.

Како што дополни министерот, само Словенија има повеќе од нас направено  тестови.

-Од вкупниот број земји во светот, ние сме меѓу првите 30-40 што сметам дека е одличен резултат и сакам да потенцирам дека не станува збор само за бројка на тестови, туку целокупен пристап кон идентификување на пациентите, нивните контакти, кластерите на заболени, истакна Филипче.

Тој истовремено информира дека две илјади тестови и кабинет за дијагноза имаме донација од Холандија. Кабинетот за дијагноза на ковид-19, според министерот, треба да го дуплира капацитетот на сегашната лабораторија во Институтот за јавно здравје.

– Станува збор за една машина, кабинети за изолација, целата опрема која треба да се инсталира и тестови за 2.000 пациенти. Тоа е практично лабораторија што ќе го дуплира капацитетот на сегашната лабораторија во ИЈЗ. Холандија тоа го донира преку Меѓународната агенција за атомска енергија со седиште во Виена, појасни Филипче.

На земјава ѝ е одобрен пристап до Европскиот солидарен фонд, што значи дека ќе учествува во заедничките постапки за набавка на материјали и потреби за здравствените институции. Ова, според министерот за здравство, е голема придобивка за земјава.

Веб-страница на Владата за коронавирус

Владата на Македонија објави нова централна веб-страница за сите официјални информации поврзани со справувањето со коронавирусот на која ќе се објавуваат мерките, препораките и вестите од институциите.

-Адресата на новата владина „Коронавирус МК” веб-страница е  коронавирус.гов.мк на која граѓаните ќе можат да се информираат за сите апели, совети, препораки и забрани со цел спречување на ширењето на вирусот, како и за медицински насоки во случај да почувствуваат симптоми, но и како да обезбедат психолошка поддршка во време на самоизолација. На веб-страницата постои и секција за економските мерки, на која ќе бидат објавувани сите уредби за начините на искористување на мерките од страна на фирмите и работниците, со цел спасување на работните места во државата – информира министерот.

Веб-страницата „Коронавирус МК” е придружена и од мобилни апликации (за Андроид и иОС) за поедноставен пристап, преку кои редовно ќе се испраќаат нотификации до граѓаните кои на својот смарт-телефон ќе ја инсталираат оваа апликација, поврзани со дневните апели на Владата за почитување на мерките, најави за прес-конференции, потсетувања за активните мерки и забрани и други информации во корист за граѓаните. Апликациите ќе можат да се преземат од новата веб-страница www.koronavirus.gov.mk/аpp.

Под името Коронавирус МК / Коронавирус МК, Владата отвори и Фејсбук, Инстаграм и Твитер страници на социјалните мрежи.

Мобилната болница за ковид-19 до Инфективната клиника

Во кругот на Универзитетската клиника за инфективни болести е поставена мобилната болница за прием на пациенти со коронавирус. Во неа ќе има 130 кревети и соодветни услови, тоалети, тушеви. Целосно ќе биде ставена во функција  од понеделник.

Мобилната болница е поврзана со Инфективната клиника и ќе го надополни нејзиниот капацитет. Во нејзиното поставување, што траеше неполни седум дена, беа вклучени Град Скопје, Министерството за здравство и Министерството за одбрана. Оваа  болница е поставена на просторот, каде што беа бараките на поранешниот студентски дом „Медицинар“, кои Град Скопје ги урна и го уреди просторот.

-Со неа дополнително се зголемуваат капацитетите за хоспитализација на инфицираните од ковид-19, вели министерот Филипче.

На овој начин, според Филипче подготвени сме да се примат и поголем број пациенти од тие кои сега се третираат во болниците.

– Ова е место кое одлучивме дека е најдобро да биде место каде ќе има доволен број кревети, многу поголем од сега актуелниот, заради тоа што тука е центарот на експертизата, специјалистите по инфективна медицина, медицинските сестри, вклучително и резервниот тим од другите клиники кој ротира како поддршка на Клиниката и на вработените кои имаат соодветен распоред на работа, дообјасни Филипче.

За пикот на коронавирусот во државава, што според проценките се очекува на крајот на месецов на располагање се над 1.000 болнички кревети за хоспитализирање на пациенти со коронавирус.

(В.Ма.)