Александар Поповски: Земјата дише, а ние се обидуваме да дојдеме до респиратори

3092

„Го славевме нашиот празник на театарот (27 март) без публика во салите и без актери на сцената. Но верувам дека наскоро на сцената ќе пристигне новиот Прометеј и дека ја носи светлината со себе…“, вели македонскиот режисер Александар Поповски за српска „Политика“, а по повод новонастанатите вонредни околности од коронавирусот во поголем број земји во светот

„За мене животот и театарот отсекогаш биле една иста работа. Една голема сцена полна со живот“, вели за белградскиот весник „Политика“ македонскиот режисер Александар Поповски кој долги години работи на српската театарска сцена. Тој за овој весник зборува за она што се случува со театарот, за изолацијата, за она што им донесе пандемијата на луѓето…

„Празна сцена, празна сала, празни улици. Од сето тоа остана само сценографијата. Сето друго исчезна. Сите херои, сите епизодни улоги, сите смешни мажи со мустаќи, сите весели дами со шешири, сите велосипедисти, Ромео, Медеја, Дон Жуан, Пер Гинт, сите…“, наведува Поповски и констатира дека оваа нова состојба во која се најдовме, е ситуација која не познава национална припадност, вера, боја на кожата, политичка припадност… „Таа од една страна е многу трагична, а од друга е нешто за што можеби треба да се размислува позитивно. Сите се надвор: птиците, животните, дрвјата, реките течат, ветерот дува, сонцето грее… Само нас нè нема. Нас природата не исфрли надвор. Животот оди понатаму, без било кому да му недостасуваме, како да сме целосно неважни. Земјата диши со полни гради, ние се обидуваме да дојдеме до респиратори. Убаво изрежирано. Изгледа не сме биле толку важни и значајни, како што мислевме дека сме“, вели македонскиот режисер.

Како што ќе се посочи во разговорот, зад Александар Поповски стојат бројни претстави кои тој ги поставил на српските сцени како „Метаморфози“, „Хамлет“, „Гробница за Борис Давидович“, „Доплер“… „Станува збор за оние скопски уметници кои македонскиот театар го приближија до светот, со оглед на фактот дека режираше во Данска, Италија, Грција, Словенија, Хрватска… Оттука и не зачудува една од неговите изјави: Ми стана нормална состојба да сум секаде. Таму сум каде што ми се чини дека можам да ги реализирам своите замисли, да се истражувам и себеси и театарот“, се додава.

Новонастанатите вонредни околности „го приковале“ и немирниот дух на Поповски меѓу неговите четири ѕида. А македонскиот режисер се надева дека од сето ова нешто ќе научиме и ќе запомниме. „Се надевам дека еден ден кога повторно ќе излеземе надвор и повторно ќе добиеме шанса да чекориме по Земјата, нема да заборавиме колку е тоа важна и голема работа. Тоа право да бидеме дел од овој свет. Создадовме свет во кој алчноста и профитот се единствена вредност. Сега гледаме колку е важна науката. Науката и едукацијата. Наука, едукација и уметност“, вели тој. Како што констатира Поповски, оваа голема сцена, сега бара нови јунаци и своја нова приказна.

„Ова време пишува нова драма и нови херои. И новите херои се појавуваат на хоризонтот. Се надевам зборовите кои ќе ги изговорат носат во себе мисла за нашиот нов почеток. Го славевме нашиот празник на театарот (27 март) без публика во салите и без актери на сцената. Но верувам дека наскоро на сцената ќе пристигне новиот Прометеј и дека ја носи светлината со себе. Само не смееме да заборавиме да внимаваме и да не дозволиме птиците да му го изедат џигерот“, истакнува Поповски. Тој воедно го честиташе и светскиот ден на театарот. „Нека живее театарот! Нека се наполни сцената! Кренете ја завесата!“, порача Поповски.