За три години обучени 111 негуватели и 96 лични асистенти за нега на стари и немоќни лица

268

Вкупно 111 негуватели и 96 лични асистенти до декември 2020 година добија сертификати од Тренинг-центарот за обуки при Црвениот крст на град Скопје во рамките на програмите за нега на стари и немоќни лица во домашни услови.

Тренинг-центарот при Црвениот крст на град Скопје е верификуван провајдер од страна на ЈУ Центар за Образование на возрасни за следните програми: негувател/ка за помош и нега на стари лица и лица со попреченост, палијативен/а негувател/ка на изнемоштени лица, асистент за нега на лица со Алцхајмерова болест и личен асистент на лица со попреченост.

-Во рамките на програмите за нега во домашни услови, негувателите учат за принципи на грижа зависно од возраста и состојбата. Развиваат вештини за да го подобрат квалитетот на животот на корисникот со соодветна комуникација и примена на етички норми. Се стекнуваат со знаења за соодветна нега и грижа во домашни услови и при извршување на секојдневните активности на корисникот – потенцираат од Црвениот крст на град Скопје.

Центарот за обуки при Црвениот крст на град Скопје започна со работа во 2017 година, обезбедувајќи бесплатна обука за негувател/ка на стари и немоќни лица за 40 долгорочно невработени жени. Секоја година се обезбедуваат минимум две обуки за негуватели, каде пријавените учесници се стекнуваат со знаења, компетенции и вештини за работа во домашни услови.

Од Црвениот крст на Град Скопје најавуваат дека се во подготовка нови простории каде ќе се функционира Центарот за обука на негуватели, но не сакаат да ја откријат локацијата додека не се изврши преселбата таму. Велат дека нема да има негово официјално отворање, бидејќи се работи само за преселба на друго место.

(А.П.)