За најлудата ноќ фризурата мора да е тип-топ

220

Фризурата отсекогаш била многу важна за целосниот изглед на една жена и особено за првиот впечаток, независно дали излегуваме на обична прошетка и средба со пријателите во кафуле или пак, се подготвуваме за свечен настан. Кога во прашање, пак, е дочекот на Новата година, тогаш фризурата е на самиот врв на листата на работи кои треба да изгледаат тип-топ.

Со оглед дека новогодишната треска станува сè посилна припадничките на понежниот пол почнуваат да чувствуваат притисок да изгледаат најубаво што можат за најлудата ноќ во годината.

Убавата фризура веднаш ги мами погледите кон лицето и многу кажува за имиџот на самата личност.

Затоа, потребно е да внимавате во изборот на фризура, подеднакво колку и во изборот на облеката.

На прашањето како да не згрешиме во изборот на фризурата, одговорот звучи многу лесно. Имено, како што ја избирате облеката според вашето тело, така за новогодишната ноќ најдобро е да си изберете фризура која најдобро одговара на формата на вашето лице и неговите карактеристики.

Тоа најчесто не можете да го направите сами и затоа доколку можете да си дозволите, побарајте помош од добар фризер. Но доколку одлучите вашиот збор да биде последен, за момент заборавете на модните трендови и фокусирајте се на вашите желби и потреби. Сообразете ја фризурата и со стилот на облекување.

Новогодишната ноќ е една од ретките ноќи во кои секој си дозволува да експериментира, па ако имате природна виткана коса, изненадете ги пријателите со кои ќе прославувате со идеално права коса, но ако имате права коса, направете си елегантни брановидни или романтични поситни локни.

Како и да одлучите секако дека ќе го привлечете вниманието, бидејќи со новата фризура секако дека ќе изгледате сосема поинаку и поатрактивно.

Како и да е, изборот е ваш и не треба да се ограничувате. Во оваа насока е и изборот на бојата на коса, па така не е на одмет доколку таа ви е темна, да ја осветлите, па дури и да се работи само за извлекување на посветли прамени.

Тие секако ќе и дадат една поинтензивна и попривлечна нота на вашата фризура.

Со накитот за коса до празничен изглед

Понекогаш е доволно само едно парче накит за вашата фризура да добие побогат и поатрактивен изглед.

Доколку сакате да изгледате впечатливо, романтично и посвечено за најлудата ноќ во годината, покрај ѓерданите, обетките и бразлетните  секогаш ви е на располагање и накитот за на глава кој можете лесно да го набавите во речиси секоја специјализирана продавница за модни додатоци.

Станува збор за шноли, стегачи, штипки и венчиња со посвечен изглед, украсени со бисери, циркони и други светкави и метални елементи во сребрена или златна боја. Иако ваквите додатоци се дел од невестинските стајлинзи, сепак, и во новогодишната ноќ можете да си дозволите да изгледате посебно и несекојдневно, а од друга страна да се издвоите од останатите и да бидете повпечатливи.

Сè уште се актуелни богато украсените венчињата на „Долче и Габана“ во различни варијанти, а се носат и ленти за коса и шноли во стилот на 20-тите години на минатиот век. Овие нежни круни одговараат на сите должини на косата, која може да биде собрана во полабаво опавче или пунџа, или да направите кадрици кои исто така ќе ги соберете, но во поопуштена форма.

Вакви украси често можат да се видат кај славните личности кои својата фризура често ја надополнуваат со еден ваков свечен украс на главата. Само како пример тука се венчиња со ѕвезди, цветови, листови и бисерчиња.