За две години во Македонија решени над 2.000 спорови со медијација

189

Во последните две години во Македонија над 2.000 спорови се решени со медитација. Компаниите треба почесто да ја користат медијацијата за решавање на споровите, бидејќи им заштедува време и пари. За споредба во судска постапка еден спор може да се реши за повеќе од една година, а со медијација и за 5 дена. Законска временска рамка за решавање на споровите со медијација е 60 дена.

Од Комората на медијатори при ССК велат дека медијацијата може да придонесе да се подобри сликата во судството во државата во поглед на евроинтеграциите, затоа што таа во европските агенди е еден од клучните елементи и еден од столбовите на кои се потпираат натамошните реформи во правосудството на ниво на Европа.

-Досега имаме решено над 2.000 спорови решени со постапка на медијација. Законот за медијација е донесен во 2006 година и до 2016 година имало решени само 100 предмети, вели Славе Младеновски, претседател на Комората.

Тој додава дека има голем напредок во последниве две години и според бројот на население, бројот на медијатори и бројот на решени предмети Македонија е многу понапред од земјите во регионот.

-Од 2017 година кога е формирана Комората има 45 медијатори со лиценца. Ние имаме исклучително мал број медијатори, кои не треба да се зголемува бидејќи ние допрва работиме на промоција на медијацијата, создавање услови во македонското општество да се види бенефитот од медијацијата за да може да се зголемат предметите на работа. Да не дојдеме до ситуација како во 2006 година кога имавме 200 медијатори кој за десет години истите решија само 100 предмети. Огромниот број на медијатори дава погрешна слика кај луѓето, односно дека не можат да ги решат споровите, вели Младеновски.

Според директорката на Академија на судии и јавни обвинители, проф. д-р Наташа Габер-Дамјановска потребно меѓу компаниите да се формира една култура на преговарање наместо сите спорови да завршуваат во судовите. На овој начин, како што вели таа ќе се намали пребукираноста на судовите со вакви спорови и ќе се зголеми нивната ефикасност.

Во насока на зголемување на медијацијата како начин на решавање на споровите Комората на медијатори при ССК и Академија на судии и јавни обвинители потпишаа Меморандум за соработка. (А.С.)

.