Ученици и наставници од Европ во посета на Општина Аеродром

179

Општина Аеродром ја посетија основци од неколку европски држави, кои преку програмата „Еразмус плус“, престојуваат во Скопје.

Домаќин беше ООУ „Димитар Македонски“, а гости ученици од четири земји: Хрватска, Турција, Полска и Португалија. Учениците имаа можност да разменат искуства и да ги запознаат културата и образовниот систем од различни земји и националности.

Проектот „Еразмус плус“ придонесува за кршење на предрасудите и стереотипите за одделни земји, нации и религии, но пред сè, помага во справувањето со проблемите и предизвиците во воспитно-образовниот процес и развојот на децата, споделувајќи ги и негувајќи ги европските вредности.

Преку оваа програма, воспитувачи и наставници од Бугарија, Хрватска, Италија и Португалија престојуваа во градинката „Срничка“. Тие ја посетија и Општина Аеродром, а ги прими секретарот на Општината, Марица Ѓурческа, која ја поздрави иницијативата за размена на едукативни искуства, што придонесува за подобрување на образовниот процес.

Проектот е финансиран од Европската комисија преку Националната агенцијата за европски образовни програми и мобилност со цел размена на искуства и добри практики.