За вработените во моловите сепак ќе нема неделен одмор

89

Почна постапката за озаконување на предлогот неделата да биде неработен ден. Министерството за труд и социјална политика на ЕНЕР постави известување дека почнала подготовката на Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за работните односи.

Од штурата најава се навестува дека во законот ќе се вгради идејата на Владата трговските центри да работат во недела, на што синдикатите остро се спротивставуваа.

-Со Предлогот на закон се овозможува создавање на законски решенија за поголема заштита на правото на неделен одмор, при што се дозволуваат исклучоци во определени дејности и се елиминираат можните злоупотреби во однос на обезбедување на користењето на ова право.Со Предлогот на закон, се овозможува подобро усогласување на приватниот со професионалниот живот, наведено е во најавата за измените на Законот за работни односи.

За овој предлог што ќе се објави наскоро ќе има јавна дебата преку ЕНЕР.

Но, според она што е досега најавено и се очекува да се вгради во законските измени, неделата би требало да стане неработен ден од 1 јануари наредната година. Во неделите во моловите треба да има само една смена, од 10 до 18 часот, а оние кои ќе работат треба да добиваат две дневници. Исто така, според најавите, моловите кои ќе го користат правото да бидат отворени во недела ќе мора да издвојуваат по два процента од приходите за детските градинки.

Во истиот контекст Министерството за економија на ЕНЕР даде објава и дека се менува Законот за трговија. Како цел на предлог-законот се наведува уредување на работното време во трговијата во недела и на празници, како и утврдување на исклучоците во трговијата на мало за кои ќе биде дозволено работа во ден недела и на празници. Исто така, измените се прават за да им се овозможи на трговците регистрирани во држави членки на Европскиот економски простор, слободно да вршат трговија на територијата на нашата држава по нејзиното пристапување во Европската Унија.

-Согласно постојното законско решение, работното време го утврдува трговецот зависно од бројот на вработените, при што должината и распоредот на работното време што трговецот самостојно го утврдил треба да се усогласат со правата, обврските и одговорностите на вработените од работен однос утврдени со закон со кој се уредуваат работните односи. Со Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи се врши создавање законски решенија за поголема заштита на правото на неделен одмор во недела и се елиминираат можните злоупотреби во однос обезбедување на користењето на ова право, појаснуваат од Министерството за економија.

Временската рамка за изготвување на предлогот на овие законски измени е крајот на месецов.

(С.В.)