Захарова: Западот си пука во глава

418

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова оцени дека Западот си „пука во глава“ обидувајќи се да го ограничи увозот на енергија.

Таа рече дека стратешкото партнерство на Русија со Кина ги издржило обидите на Западот да сее раздор меѓу двете земји и дека САД и нивните европски сојузници ги уништиле односите со Москва, пренесува Ројтерс.

„Залихите со енергија (на Кина) постојано се зголемуваат. Кина знае што сака и не си пука во нога. Додека тие, западно од Москва, си пукаат во глава. Западот се изолира од нас“, рече Захарова пред новинарите.

Војната во Украина и обидот на Западот да ја казни Русија со изолација за нападот на Украина доведоа до зголемување на цените на житариците, маслото за јадење, вештачките ѓубрива и енергијата, а Европа одлучи да ја намали зависноста од руската нафта и гас.

Захарова оцени дека Европската унија зазеде „самоубиствен“ курс, обидувајќи се да се откаже од руската енергија со која Германија се снабдува од врвот на Студената војна.

Русија е втор најголем извозник на нафта во светот по Саудиска Арабија и најголем светски извозник на природен гас, забележува британската агенција.