Загубите на компаниите ќе ја поскапат струјата?

РКЕ допрва ќе одлучува по доставените барања на енергетските компании, врз основа на кој до крајот на јули ќе донесе одлука за цената на струјата. Од РКЕ велат дека посебно внимание ќе се посвети на направените и планираните трошоци на компаниите. Од Регулаторната велат дека веќе три години по ред не ја регулираат цената на електричната енергија и не може да влијае на цената која АД Електрани на Северна Македонија ја продава струјата на ЕВН Хоме. РКЕ регулира и влијае на 38 отсто од крајната цена за малите потрошувачи и домаќинствата

138

Регулаторната комисија за енергетика треба да ги разгледа барањата на енергетските компании и до крајот на јули да донесе одлука дали ќе има покачување на цената на струјата. И покрај тоа што енергетските компании и оваа година имаа зголемени трошоци и работеа со загуби, сепак претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, неодамна порача дека нема да дозволат зголемување на цената на струјата на регулираниот пазар.

-РКЕ вообичаено во јуни или во јули ги носи своите одлуки за цени на  електрична енергија, но ќе ги преземе сите механизми кои и се на располагање, можеби ќе излезе и од своите законски надлежности пропишани во Законот за енергетика и нема да дозволи зголемување на цената на електрична енергија, изјави Бислимоски.

Пред два дена, пак премиерот Зоран Заев изјави дека инвестициите во енергетските проекти ќе ја поскапат струјата. Граѓаните треба да знаат дека сите инвестиции кои државата ќе ги прави во фотоволтаици, ветерници, гасни централи, ќе чинат пари.

-Сакаме зелена енергија, ќе поскапува и цената на струјата. Развиваме програми во којшто ќе создадеме фонд за обновливи извори. Следуваат сериозни предизвици, климатските промени си го носат своето, мора да бидеме составен дел од светот, имаме амбиција рамо до рамо со ЕУ, па дури и да бидеме порано од нив во делот на затворањето на РЕК Битола, Осломеј, изјави Заев.

Од РКЕ за ВЕЧЕР изјавија дека до овој момент пристигнати се барањата од  ЕВН Хоме, Електродистрибуција и МЕМО, се очекува да пристигне барањето и од МЕПСО. Исто така, пристигна и барање од страна на ЕСМ Енергетика, коешто се однесува на определување на тарифа за вршење на енергетска дејност дистрибуција на електрична енергија во поранешна Железара Скопје.

-Три години по ред Регулаторната комисија за енергетика не ја регулира цената на електричната енергија и не може да влијае на цената која АД Електрани на Северна Македонија и ја продава струјата на ЕВН Хоме, ниту има влијание на трошокот за обновливи извори на енергија, кои учествуваат во крајната цена што ја плаќаат граѓаните. РКЕ регулира и влијае на 38 отсто од крајната цена за малите потрошувачи и домаќинствата, изјавија од РКЕ за ВЕЧЕР.

По започнувањето со либерализацијата на пазарот на електрична енергија од 1 јануари 2019 година, РКЕ повеќе не ја определува цената на ЕСМ и Универзалниот снабдувач – ЕВН Хоум, кој на тендер ги набавува потребните количини кои сега во најголем дел се однесуваат за домаќинствата. На тој тендер во 2021 година, ЕСМ е должна да понуди 70 проценти од потребите на овие потрошувачи. Притоа нема гаранција дека ќе биде откупена таа електрична енергија доколку останатите трговци со електрична енергија понудат пониска цена.

Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека допрва ќе одлучуваат по доставените барања на енергетските компании, врз основа на кој ќе донесе одлука за цената на струјата. Од РКЕ велат дека посебно внимание ќе се посвети на направените и планираните трошоци на компаниите. АД МЕПСО, кој минатата година побара зголемување на цената на електричната енергија поради загуба и  намалени приходи и 2020 година ја заврши со загуба од 6 милиони евра.

Останува да почекаме до крај на јули и да видиме дали по минатогодишното зголемување на цената на струјата од 7,4 отсто годинава повторно ќе имаме нови цени и повисоки сметки.

(А.С.)