Кампањата на Град Скопје за бесплатно собирање остатоци од берба која има за цел да се спречи палењето на стрништата за оваа година заврши и даде добри резултати.
– Од заинтересираните граѓани кои се пријавија на телефонскиот број 071-395-395 бесплатно се подигнати околу 260 кубни метри органски отпад. Од следната година, оваа активност ќе влезе во годишната програма за работа на ЈП „Комунална хигиена“ и како услуга повторно ќе им биде достапна на граѓаните – велат од Град Скопје.
Градот Скопје и оваа година ја продолжи кампањата за бесплатно собирање на остатоците од берба за да се спречи палењето на стрништата, а со тоа да се заштити воздухот од загадување. Оваа кампања годинава го опфати целиот Скопскиот плански регион.
Во кампањата се вклучи и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во делот на планирањето на периодите кога се врши бербата на различните земјоделски култури, како и Халк Банка со поддршка на промотивните активности.
Оваа кампања за првпат беше организирана минатата година, од Град Скопје со поддршка од УНДП и МДЦ-Ти.нет.
– Градот Скопје е прва единица на локална самоуправа која спроведува кампања за елиминирање на палењето на нивите и стрништата, за да се намали загаденоста на воздухот, да се зачува плодноста на почвата, но и да се спречи ширењето на евентуални пожари кои неретко предизвикуваат материјални штети, а понекогаш загрозуваат и човечки животи – потенцираат од Градот.