ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Стрес менаџмент

204

Најголеми непријатели на внатрешниот мир се недостигот на љубов кон самите себе и недовербата во сопствените вредности. Ако сакаме да постигнеме внатрешен мир, многу битно е како управуваме со стресот и дали успешно се справувавме со тешкотиите во животот. Мудроста е во дистанцирањето од негативното и во определувањето кон позитивното. Во тој поглед, стрес менаџментот е неопходен за убаво да се чувствуваме.

Современиот човек е под константни удари на негативните енергии, кои може сериозно да го загрозат неговото биополе и да му предизвикаат проблеми и тешкотии во животот. Долготрајната подложност на стрес и негативна енергија создава проблеми со здравјето, предизвикува внатрешен немир, незадоволство, фрустрираност и неефикасност.

Најголеми непријатели на мирот, среќата и хармонијата се емоционалниот отров, неприфаќањето на самиот себе и акумулираната лутина. Кога сме под постојан удар на стресогени фактори, тогаш неминовно слабее нашиот организам и стануваме подложни на разни болести. За да го зајакнеме имунитетот, неопходно е да го зацврстиме својот дух и да се дистанцираме од лошото.

Стресот може да предизвика различни психосоматски нарушувања, кои може да се одразат како алергија, астма, херпес, зголемено ниво на холестерол во крвта, хипертензија и други кардиоваскуларни заболувања. Според медицинските експерти, до 70% од болестите се поврзани со емоционалната состојба на една личност. Во Европа, годишно умираат повеќе од милион луѓе поради нарушувања на кардиоваскуларниот систем, поврзани со стресот.

Негативните емоции како страв, гнев, загриженост, вознемиреност, разочараност, фрустрација и депресија создаваат хемиски реакции во нашето тело што се многу поразлични од хемиските реакции произлезени од позитивните емоции: среќа, радост, задоволство, прифатеност, безгрижност, саканост и опуштеност.

Одговорот на стрес не му штети на телото, згора на тоа, тој е неопходен за живот. Меѓутоа, ако е предолга возбудата, како што се случува со луѓето кои се константно преморени или кои влегле во период на долготрајна лична криза, тогаш симпатичкиот нервен систем продолжува да го поттикнува телото да произведува хормони на стрес, со цел подигнување на енергијата за борба или за бегство. Во врска со оваа долгорочна потрошувачка, резервите на енергија во телото се исцрпуваат, а имунолошкиот систем тешко се справува со функциите неопходни за одржување на животот и на здравјето. Сето тоа ја зголемува можноста за развој на болести и за психофизички слабости.

Современата психосоматска медицина покажа дека во телото на урамнотежена и среќна личност се случуваат сосема различни биохемиски процеси отколку во телото на напната, лута или тажна личност. „Човечкото размислување е одраз на хемиските процеси во телото“, вели Дипак Чопра.

Причинителот на стресот често произлегува од надворешните влијанија: проблеми во семејството или на работното место; напуштање или губење на блиска личност; исцрпувачка грижа за лице заболено од тешка болест; финансиски тешкотии; застрашувачки информации слушнати на медиум или прочитани на Интернет итн. Сите овие ситуации го вклучуваат алармот на стресот и создаваат неубаво чувство.

Постојат ситуации кога стресот произлегува од борбата за опстанок. Неизвесноста, егзистенцијалната загрозеност и притисоците на работното место создаваат голем стрес и психофизичка напнатост. Неретко причинители на стресот се и грижите за нешта врз кои не можеме да влијаеме. Стресот произлегува и од менталната исцрпеност и претераната работа. Тој може да влијае врз разни аспекти на нашиот живот, вклучувајќи ги комуникацијата со други луѓе, психичката состојба, физичкото здравје, емоционалните односи итн.

Кога сме под хроничен стрес, чувствуваме физичка, ментална и социјална дисхармонија. Некои личности умеат да се справат со стресните ситуации и притисоци, додека други не може да го издржат товарот на стресогено условената емоционална и психичка напнатост и се разболуваат.

Еве што треба да направиме за успешно да управуваме со стресот:

  • почесто да престојуваме на сонце и во природа;
  • да слушаме пријатна, смирувачка музика;
  • да искажуваме афирмации (молитви);
  • да внимаваме на исхраната;
  • да одмораме доволно;
  • да не ја трошиме енергијата на површни лица и ниски страсти;
  • да другаруваме со позитивни лица;
  • да се фокусираме кон мигот на сегашноста;
  • да ги прифатиме нештата што не можеме да ги промениме;
  • да си простиме за грешките што сме ги направиле.

Физичката активност помага во надминувањето на стресот, бидејќи ја намалува анксиозноста, релаксира, го подобрува сонот и ја зголемува концентрацијата. Корисно ќе постапиме и ако ги прифатиме нештата такви какви што се, зашто со самото прифаќање, исчезнуваат отпорот и напнатоста.

Физичките стресови се резултат на: психофизичко преоптоварување, недостиг на вежбање или движење, лоши навики, нездрава исхрана (мрснотии, адитиви и конзерванси), прекумерна работа, недостиг на одмор, оддаденост на блуд и прељуба, подложност на пороци (комар, ниски страсти), чести патувања и преселувања, злоупотреба на стимуланси (алкохол, тутун, кофеин, разни наркотици), медикаменти, загаден воздух и деградирана животна средина (асфалтна џунгла).

Менталните стресови се од: емоционални кризи, незадоволителни лични односи, конфликтни ситуации, изневерени очекувања, константни притисоци на работното место, нервози и негативни размислување и однесување.

Духовните стресови вклучуваат чувство на вина, грижа на совеста, сомнеж, очај, психофизичка несреденост, недостиг на цел во животот, бесмисла, ниско ниво на свест за духовните вредности. Сите овие нешта предизвикуваат внатрешна дисхармонија и немир во умот.

Ефективноста на нашиот имунитет во голема мера зависи од состојбата на нашиот дух. Како размислуваме така и се чувствуваме; какви навики негуваме, со такви последици и ќе се соочуваме. Клучно е да ги преиспитаме лицата и ситуациите што негативно влијаат на нашата личност. Исхраната, професијата, врските и начинот на трошење на енергијата имаат потенцијал за иницирање физички, емоционален или духовен дисбаланс. Долготрајното присуство на стрес создава  недостиг на мир и хармонија и гради подлога за појава на разни болести. Затоа, основно е да станеме одговорни за своите мисли, зборови, избори и постапки и да внимаваме кон што и за кого ја одлеваме нашата енергија. Можеме да постигнеме и да одржиме добро здравје ако се определиме за односи и ситуации што промовираат поврзаност и хармонија, а не отуѓување и дисхармонија.

Стрес менаџментот се однесува на следниве активности:

  • афирмативно се поттикнувам самиот себеси;
  • успешно управувам со моите обврски;
  • правилно ги управувам сопствените емоции;
  • искажувам благодарност за тоа што го имам;
  • нема да брзам и ќе ги читам „знаците“.
  • умеам да ги препознаам вредностите и да се дистанцирам од стресните ситуации. Никој не успеал целосно да го избегне стресот, но секој може правилно да управува со него.

Мудроста на животот не е во стремежот опсесивно да ги избегнуваме тешкотиите, болките и страдањата, туку умешно да се справиме со тешкотиите и да се извлечеме од кризата. Многу побитно е колку сме силни, храбри, динамични и способни да се справиме со лошите влијанија отколку да избереме пасивизирање и дистанцирање од предизвиците на постоењето. Идеално дистанцирање од искушенијата нема да постигнеме. Животот е исполнет со многу борби, неизвесност и притисоци. Не постои човек без проблеми и тешкотии. Но, колку и да се проблематични нештата, со силината на својот дух и со менталната зрелост може да се неутрализираат стресот и негативните вибрации. Клучот е да се опуштиме и да не се притискаме со нереални барања и очекувања, бидејќи врз малку нешта можеме суштински да влијаеме. Ние избираме како ќе се однесуваме кон состојбата во која се наоѓаме. Не можеме да влијаеме врз туѓото однесување, но можеме да влијаеме врз сопствената реакција во однос на туѓото однесување.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)