ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Страв од пораз

515
Кога сме во најдобра форма, кога сме најмоќни, најсилни и кога чувствуваме дека сè што ќе посакаме може да постигнеме, дека сè ни се отвора – доживуваме пораз и тој пораз може да нè фрли во агонија и неизвесност, во страв и несигурност. Причината за таквата ситуација се наоѓа во фактот што на поразот сме му дале превисока важност и димензија, што сме ја монополизирале победата и сме идеализирале дека таа вечно ќе биде присутна. Таквиот пристап предизвикал поразот да го прифатиме како сурова стварност и да размислуваме дека не постојат опции нештата да ги промениме.   

Стравот од пораз е голем непријател на напредокот, себеспознанието и успехот. Кога е силно изразен предизвикува стагнација, пасивизација и несигурност во дејствувањето.

Недостигот на оптимизам и самодоверба – дека ќе биде подобро, може да предизвика поради само еден поголем неуспех, многумина да иницираат страв и психичка блокада и да не умеат да се справат со предизвиците на животот. Во тој контекст, со интересна игра на судбината и со „божја промисла“ се соочил и Џорџ Форман, своевремено можеби најсилниот и најмоќен боксерски шампион. Тој со извојуваните 40 победи по ред (најголемиот број со нокаут), уживал во плодовите на успехот и славата, така што никој не очекувал дека ќе биде победен од Мухамед Али во познатата борба која во 1974 година се одржа во Киншаса, Заир. Освен титулата светски шампион, Форман со тој неочекуван пораз (беше нокаутиран во 8-та рунда) ја загубил и самодовербата, па требало да поминат 14 месеци за повторно да почне да се натпреварува. Откако се вратил во рингот, Џорџ Форман извојувал 5 победи по ред, но по поразот од Џими Јанг, одлучил на 28-годишна возраст да се откаже од боксот и да се посвети на мисионерска служба во рамки на христијанската религија.

Веројатно последниот пораз дополнително го изместил на психофизички план и му предизвикал криза, несигурност и страв од неуспех. Но, по 10 години, Форман се вратил на професионалниот бокс. Благодарение на вложувањето во личниот развој, себеспознанието и духовноста му се активирала волјата и самодовербата и успеал да победи во 24 меча по ред и да остане непоразен преку 4 години. Како што самиот во едно интервју кажува: „Кога бев млад имав проблеми да се борам во 12 рунди, зашто чувствував голема нервна напнатост и психичка тензија, кои во голема мера ми ја трошеа физичката енергија. Но, откако повторно се вратив на рингот го немав тој проблем, зашто духовно созреав, станав поопуштен и повеќе не сум толку опседнат со победите и поразите, како што бев на млади години“. Новиот пристап кон натпреварите му донесе огромен успех, зашто на 45-годишна возраст, втор пат (по 20 години од освојувањето на првата титула) стана светски шампион во тешка категорија.

Оваа животна приказна покажува колку судбината е специфична и непредвидлива! Колку малку треба за да се откажеме од своите цели и професионални настојувања, но и колку лесно може да се вратиме на патеката на победите и успесите, доколку работиме на себеси и ги пронајдеме вистинските приоритети во животот. Кога сме во најдобра форма, кога сме најмоќни, најсилни и кога чувствуваме дека сè што ќе посакаме може да постигнеме, дека сè ни се отвора – доживуваме пораз и тој пораз може да нè фрли во агонија и неизвесност, во страв и несигурност. Причината за таквата ситуација се наоѓа во фактот што на поразот сме му дале превисока важност и димензија, што сме ја монополизирале победата и сме идеализирале дека таа вечно ќе биде присутна. Таквиот пристап предизвикал поразот да го прифатиме како сурова стварност и да размислуваме дека не постојат опции нештата да ги промениме.

Поуката на Наполеон Бонапарта дека „вештината на успехот е да се биде мошне храбар, а истовремено многу претпазлив“, асоцира дека некои луѓе како да не разбираат оти не е доволно само да се биде неустрашлив, туку и да се употреби умот и преиспита дали нашата смелост кореспондира со фактичката состојба и со реалните можности за напредување, односно со личниот капацитет.  

 

Секако дека има шанси за промени, но само доколку доживеаниот пораз ни создаде поттик и волја – преку осознавање на причините што ни го предизвикале неуспехот, да го изградиме патот кон успехот. А се со цел, да одиме напред во животот, да бидеме хармонизирани, ефикасни и реализирани. За такво нешто на Џорџ Форман му требало време, но на крајот сфатил, победил, докажал и се истакнал најмногу пред самиот себе, а потоа и во очите на другите. И сега зрачи како човек кој се воздигнал како птицата Феникс од пепелта. Од друга страна, постои и пример за „силување“ на сопствената судбина, како што направил еден друг славен боксер Мухамед Али. Тој на 35-годишна возраст се соочил со сериозни здравствени проблеми, така што докторите го советувале да не боксува, бидејќи неговиот организам повеќе не бил во можност ги трпи силните удари на противниците. Воден од желбата за слава, моќ, пари и успех, Али препораките не ги послушал и се определил да докаже и пред себе и пред другите дека е најуспешен и најсилен боксер. Таквата одлука го доведе пред катастрофални последици, бидејќи борбите кои ги имал до 39-годишна возраст, уште повеќе ја испровоцирале и продуцирале Паркинсовата болест, која му предизвика страшни здравствени и животни проблеми. Според биографите, токму тешките удари кои ги добил во борбата со Лари Холмс (кога Мухамед Али имал 38 години), дополнително го загрозиле неговото здравје и предизвикале болеста да добие прогресивен тек. Поуката на Наполеон Бонапарта дека „вештината на успехот е да се биде мошне храбар, а истовремено многу претпазлив“, асоцира дека некои луѓе како да не разбираат оти не е доволно само да се биде неустрашлив, туку и да се употреби умот и преиспита дали нашата смелост кореспондира со фактичката состојба и со реалните можности за напредување, односно со личниот капацитет.

Како и да е, тука наведовме два примера – на човек што доживеал пораз, кој паднал, осознал и се воздигнал и на човек што бил опседнат од желбата за победи, кој сакал да претерува, да го „силува“ своето тело и да оди против природата на нештата. И автоматски со таквиот пристап, си го уништил сопствениот живот и заболел од тешка болест.

Суштината на ова прашање е да се биде реалистичен; да не се оди со глава во ѕид и да се преиспитаат сопствените вредности и слабости, зашто како што велел Лао Це: „Ако си внимателен на крајот, исто како на почетокот, ќе го спречиш неуспехот“. За жал, Мухамед Али не го спречил неуспехот, иако имал брилијантна спортска кариера и исклучителна интелектуална способност, сепак дозволил егото, страста за победи и поривот за слава и моќ, на крајот да му предизвикаат тешки здравствени и егзистенцијални последици.

Затоа, клучно е да бидеме себеспознаени, да знаеме кои сме и што сме и да умееме соодветно да реагираме и во поразите, но и во победите. Претходно асоциравме дека не треба по секоја цена да се ризикува и ита кон победата, иако понекогаш мора и да се ризикува за да се постигне успехот. Укажавме дека не треба да го бараме совршенството, зашто тоа може да постои само во нашите мисли, а некогаш дури ниту во нашите мисли.

Треба да знаеме дека суштината на среќата произлегува од мигот, така што ретко е асоцијација на трајноста, зашто не постои трајна туку само миговна среќа.

Нашите расположенија постојано варираат, поради што во рок од неколку часа, па и минути може да го менуваме чувството на среќа и исполнетост. Неретко доволно е да сретнеме некоја блиска личност која се чувствува несреќно, која не се снаоѓа во животот, и нам веднаш да ни падне тоналитетот на енергијата, среќата и виталноста.

Значи нема константност, но има дејствителност. Пред сè, таа треба да нè насочи кон внатрешната духовна хармонија, кон животната мисија оплодена со чувството за општото добро и кон позитивната вибрација. Со воспоставувањето на овие вредности, во многу поголема мера ќе успееме да се носиме со плодовите на успехот, но и разумно ќе постапуваме во периодот кога се заканува неуспехот.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)