За неполни два месеци во владејачката СДСМ ќе се избира лидер на партијата. Мандатот на актуелниот партиски претседател Зоран Заев истекува за неколку месеци, и согласно новите правила за следниот конгрес, претседател на партијата може да биде кој сака. Централниот одбор на партијата на почетокот на овој месец донесе одлука лидерот во иднина да се бира на непосредни избори. Во март, за идниот претседател ќе може да гласа секој што сака, а не само партиски делегати, како што беше досега.

СДСМ е прва партија каде секој член има право да го избира својот претседател на директни избори, порача актуелниот лидер Зоран Заев, кој деновиве го ажурираше неговото членство во партијата и ги повика останатите социјалдемократи да го сторат тоа во наредниот период.

-Ги повикувам сите членови на СДСМ да го ажурираат членството, во општинските организации или онлајн и заедно да ја реализираме оваа прогресивна внатрепартиска постапка. Ги повикувам и сите поддржувачи на концептот кој ја води земјата напред кои имаат порив и желба за придонес кон развојот да пријават интерес за членство. СДСМ победува и СДСМ се менува, се подобрува, за подобро да им служи на граѓаните“, напиша на Фејсбук премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев.

Неизвесно е какви предизвици ќе донесат новите правила, со оглед дека ќе гласа буквално секој партиски член. Извори од партијата брифираат дека новиот начин на гласање сигурно ќе донесе нови имиња за прв човек на „Бихаќка„ но и ќе покаже дека во партијата, сепак постојат и неколку крила. Истиот извор открива дека за тоа е свесен и самиот Заев, но, според него, таквиот начин за избор на претседател е голем чекор за македонската демократија.

Очекувањата се дека, сепак, најголема доверба меѓу членството повторно ќе добие Зоран Заев. Во јавноста досега не се споменува кој друг може да ја му разниша фотелјата на актуелниот претседател на партијата, но извесно е дека ќе има повеќе кандидати, што ќе дојдат на предлог на членството.

Тоа го очекува и самиот Заев, и вели дека е нормално и поранешниот претседател на државата и лидер на партијата Бранко Црвенковски да биде кандидат.

„Било која партија не се ни осмелува да тргне на таков конгрес, ние тргнуваме првпат и тоа во непосредни избори на претседателот на партијата. Социјалдемократите својот претседател ќе го бираат сите, секој што сака да оди да гласа. Прво, треба само да се регистрираат,  дека ќе гласа и оди да гласа на тој датум. СДСМ на 21 март, на денот на пролетта ќе има непосредно гласање внатре во својата партија“, рече Заев во емисијата „Трилинг„.

Заев додаде дека секој може да биде кандидат за претседател, што ги исполнува условите на правилникот и статутот. Тоа значи 70% од членството на СДСМ може да биде претседател на истата партија.

„Нормално дека може и поранешниот претседател на СДСМ кој бил и поранешен претседател на државата да биде кандидат“, кажа Заев.

Црвенковски, пак, лани во ноември го замрзна неговото членство во СДСМ, по интервјуто на Зоран Заев за бугарски БГНЕС, во кое премиерот зборува за односите со Бугарија.

Медиумите пренесоа дека околу Црвенковски веќе се формира извесна политичка групација, која ја сочинуваат личности кои биле или сè уште се дел од СДСМ, но не се задоволни од актуелните политики што ги спроведува сегашното раководство на партијата предводено од лидерот Зоран Заев, и оти таа фракција со свои предлози ќе се активира уште пред локалните избори есенва.  (Ј.Ц.Г.)