ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Опуштање

343

Грижата за самите себе, позитивното размислување и работењето во насока на искористување на сопствените потенцијали, се основни за воспоставување на мирот, среќата и напредокот во животот.

Кога ќе почнеме да се опуштаме, да го градиме фокусот кон сопствените вредности, да се детоксицираме од негативни влијанија и да ја препознаеме и воспоставиме позитивната вибрација, сè ќе биде добро и хармонично во нашиот живот.

За да ги воспоставиме мирот и хармонијата, прв клучен збор треба да ни биде опуштање. Во периодот кога пандемијата сериозно се заканува, сите ние сме премногу стегнати, окупирани и преоптоварени со негативното, така што сметаме дека владеат ограничувањата и лошите околности на живеењето. Таквите размисли ни создаваат внатрешен немир и неспособност да се опуштиме и хармонизираме на духовен план.

Секој треба да се соочи со самиот себе, да ги преиспита слабостите, но и да ги пронајде вредностите.

Тоа ќе го постигне ако не брза, ако престане да се труе со негативни мисли и почне да се опушта и да бара решение за проблемите. Најклучно е да го стабилизираме своето битие, да се сосредоточиме кон позитивното и постепено да се придвижиме кон тоа што е суштина и приоритет.

Човекот кој чувствува стегнатост, напнатост, страв и фрустрација, се прашува: Како да го постигнам мирот и дали ќе ги реализирам потенцијалите?

Неговата психофизичка згрченост и преоптовареност, дефинитивно ќе го оддалечи од мирот и ќе го направи ранлив и чувствителен на сé што го опкружува. Преголемата фокусираност на надворешните влијанија неизбежно ќе му предизвика страв од болест, сиромаштија и здодевност.

Разните наметнувања и притисоци од страна на другите, може да ни создадат голем психофизички товар, зашто воопшто не е лесно постојано да ги задоволуваме потребите на лицата кои нè опкружуваат. Таквата ориентација ќе предизвика да станеме жртва за другите и да не умееме да се определиме кон тоа што е добро за самите себе.

Затоа, втор клучен збор треба да биде фокус кон себе. Прво мора да пронајдеме начин да се опуштиме, релаксираме и хармонизираме, без премногу да се товариме на ментален и емоционален план. Но и да не дозволиме некој друг да нé товари, бидејќи само така ќе може да го направиме фокусот кон вистинските вредности. Разните наметнувања и притисоци од страна на другите, може да ни создадат голем психофизички товар, зашто воопшто не е лесно постојано да ги задоволуваме потребите на лицата кои нè опкружуваат. Таквата ориентација ќе предизвика да станеме жртва за другите и да не умееме да се определиме кон тоа што е добро за самите себе.

Затоа, секој треба да си го постави прашањето: Што сакам јас и што очекувам од животот?!

Главни начела на фокусот кон себе се: Да најдам начин да се опуштам; да работам на хармонизирање на својата личност; да имам визија и позитивно да ја определувам својата цел; да ги ставам мирот и здравјето на првото место.

Треба да бидеме ориентирани и кон другите, но доколку претходно не се ориентираме кон самите себе, како тогаш ќе можеме вистински да придонесеме и за добробитта на другите?

Најкорисната помош што може да им ја дадеме на луѓето околу нас е ако ги научиме целосно да зависат од својата волја, способност, решителност и посветеност. Затоа, фокус кон себе! Тоа не е егоизам, туку позитивен егоизам. Човекот треба да биде прагматичен, односно прво да се хармонизира и сочува самиот себе, па потоа својата енергија да ја отвори за другиот.

Од своја гледна точка и другите треба да преиспитаат: каде се во овој свет; зошто не се хармонизирале; што ги оттргнало од патот; зошто се незадоволни, стегнати, под грч и можеби под депресија, меланхолија или закана од болест. Дали причината за таквите состојби може да ја бараме во погрешната фокусираност кон општествените фактори. Веројатно, доколку фокусот го ставаме врз погрешни луѓе со лажни авторитети односно кон „сите оние што го прават фокусот, божем кон тебе, а всушност го ставаат фокусот исклучиво кон себе“. Ако се потпреме на такви поединци, тогаш неизбежно ќе страдаме.

Најголемиот број луѓе прво придонесуваат за себе, а потоа за другите. Но, постојат и поединци кои исклучиво гледаат за себе и само за себе. Таков е светот и така е структуриран човекот. Неговата еволуција на свеста, кога се во прашање моралните атрибути на личноста, како сé уште да доцни. Во секој случај, главната суштина е да бидеме реалистични и да направиме нешто добро за себе, но со кое нема да им наштетиме на другите. Среќниот и исполнет поединец, кој умее да се фокусира кон вредностите, многу повеќе ќе придонесе и за напредокот на лицата кои го опкружуваат. Од друга страна, поединецот кој поради незадоволство и фрустрација не е способен да придонесе за себе, како би можел да придонесе и за другите.

Третиот клуч за постигнување на мирот и хармонијата е детоксицирање.

Ако премногу се оптоваруваме со лошите постапки на другите, а се запоставуваме себеси, тогаш нужно ќе се токсицираме. Отровите се насекаде присутни, така што одредени ограничувања не можеме да ги одбегнеме, но можеме да ги ублажиме. Затоа треба да ги воспоставиме начелата на менталната детоксикација: Да шетаме и се релаксираме во природа; да комуницираме со позитивни лица; да внимаваме на исхраната; да внимаваме на ситуациите и лицата кои можат да ни предизвикаат стрес; да не дозволиме емоционално да нè повредат туѓите негативни вибрации; да не веруваме на сè што пласираат медиумите.

Најважно е да не ја трошиме енергијата на негативци, кои како да се учени да се хранат со црното и неубавото. Треба да најдеме начин да се опуштиме, да не им робуваме на другите, да не дозволиме никој да нè товари и токсицира со својата негативна енергија.

Сето тоа ќе го постигнеме, доколку го направиме изборот. Притоа, да не се бориме на ментален план со другите и константно да ја трошиме својата енергија за објаснувања, контрирања и укажувања. Ниту пак, да ги „ставаме нештата под тепих“, туку да го избереме третиот пат, кој гласи: оттргнување од сè што е негативно и придвижување кон сопствениот животен пат. Најважно е да не ја трошиме енергијата на негативци, кои како да се учени да се хранат со црното и неубавото. Треба да најдеме начин да се опуштиме, да не им робуваме на другите, да не дозволиме никој да нè товари и токсицира со својата негативна енергија.

Од друга страна, хумано е да зборуваме за вредностите, да мотивираме кон правилната животна патека и да асоцираме како најдобро да се разрешат проблемите. Секој ја има можноста да бира, така што ако некој не сака или не е способен да го избере патот кон мирот и здравјето, тогаш излузорно е ние да се токсицираме поради туѓо незнаење и однесување.

Одредени луѓе мора да ги осознаат животните лекции и да се соочат со својата судбина. Тие не треба да бараат некој друг да ги носи нивните товари. Понекогаш е подобро да ги пуштиме да ги научат животните лекции, отколку да ги направиме паразити.

Ако се токсицираме од разни надворешни влијанија тогаш нема да бидеме опуштени, релаксирани и подготвени да ги реализираме сопствените потенцијали.

Постојат три начини за креирање на својата животна патека.

Првата опција е да станеме жртви и „со вртење на образот“ да дозволиме негативците константно да нè повредуваат и обезвреднуваат. Втората опција е да се спротивставиме и да возвратиме со иста мера. Со таквата постапка ќе влеземе во вителот на злото, во механизмот на негативитетот. Не треба да ја трошиме енергијата на таквиот неосвестен поединец, кој можеби е научен постојано да се храни со црното и негативното. Третата опција асоцира да го свртиме образот, но не за евентуално да добиеме нова шлаканица туку за да продолжиме по својот пат и се оттргнеме од сé што е лошо и конфликтно.

Заклучокот е да бидеме верни на самите себеси, притоа определувајќи се за патот што нам ќе ни донесе добро, но кој воедно ќе придонесе и за доброто на другите.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)