ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Заштита од негативното

963

Во голем број духовни текстови е наведено дека човекот не доаѓа на овој свет поради задоволствата на телото, истакнувањето на егото, подложноста на славата, моќта, парите туку поради воздигнувањето на душата и еволуцијата на свеста. Суштината на самосвесните поединци е позитивно да еволуираат, духовно да напредуваат, да се почувствуваат исполнети и да воспостават мир и хармонија со самите себе. Клучната вредност преку која се согледува смислата на постоењето е дали сме го постигнале смирението, живееме во љубов и создаваме добри, убави и позитивни дела.

Голем успех е да ги реализираме сопствените потенцијали и да умееме да се заштитиме од негативните влијанија на околината. Борбите, тешкотиите и разните удари на судбината честопати произлегуваат од недостигот на свест за сопствените вредности, како и од преголемата подреденост и зависност од надворешните влијанија.

Искушенијата се дел од човековото живеење, така што многу често сме принудени да се соочуваме со проблематични животни ситуации и со неизвесни егзистенцијални околности. Многу нешта зависат од слободата на волјата и од индивидуалниот пристап кон нештата – тие се тесно поврзани со личниот развој и духовниот темел на личноста.

Според будистичкото гледиште, душата избира каде ќе се роди и со какви животни ситуации ќе се соочува, со цел да разреши некои кармички долгови и да осознае духовни вистини неопходни за себеразвојот и еволуцијата на свеста.

Секој сака да живее во здраво општество и да опстојува во хармонична животна средина. Голема предност е своите потенцијали да ги градиме во заедница која ги поддржува знаењето, одговорноста, самосвеста, верноста на должноста и придонесот за општото добро. Од друга страна, потребна е голема мудрост, фокусираност и ментална сила за да се издржат сите неправди, манипулации, деградирачки пориви и алчни побуди присутни во нездравата социјална средина.

Поразително е да слушаме изјави дека општеството во кое опстојуваме не гарантира среќен, исполнет и хармоничен живот и дека најдобра опција е што побрзо да избегаме од овие простори, бидејќи неправдата, конфликтноста, грабежот на општото добро, загадувањата, неосвестеноста, лажните вредности и негативизмот и понатаму ќе бидат составен дел од балканската форма на живеење.  Многумина тажно коментираат:  зашто судбината не ми овозможи да живеам во општество во кое партиската книшка нема да биде предуслов за вработување и напредок во кариерата туку каде што се цени интелектуалниот капацитет, личните вредности, таленти и способности.

Секој посакува да опстојува во заедница во која нема константно да се уништува и загадува еко средината и во која нема да преовладува колективното чувство на фрустрација, незадоволство, разочараност и онеправданост.

Колку поретко чувствуваме радост, виталност, мир и хармонија толку повеќе ќе бидеме подложни на стрес, немир и дисхармонија. Затоа, не треба да се изненадиме што според испитувањето на ниво на среќа, спроведено од мрежата на Обединети нации за одржливи развојни решенија, жителите на Северна Македонија се меѓу најнесреќните во Европа. Причините за таквите состојби се многубројни. Тука ќе наведеме дел од можните причини за личното и колективно незадоволство: недоверба во државниот апарат; висина на приходи; апатија и чувство на бесперспективност; изневерени очекувања; експлоатирачки работни услови; егзистенцијална несигурност; срушени темели на семејни вредности; површни меѓучовечки односи; доминација на негативизам и неморал; недостиг на соодветни механизми за избегнување или намалување на стресни ситуации.

Сите овие фактори се причинители на несигурност, лично незадоволство и ниско ниво на среќа, мир и хармонија во животот.

Гледано од духовен аспект, можеби не е случајно што нашата душа се определила да живее во овој проблематичен регион и да се соочува со комплицирани егзистенцијални околности. Иако некои наши сограѓани посакуваат да живеат на Малдиви, други да се отселат во Швајцарија, Италија, Малта или Шведска, трети да престојуваат во Бразил и да шетаат по плажите на Копакабана, сепак за многу од нас судбината предодредила да бидеме таму каде што сме и токму овде да го бараме своето место под сонцето.

Болката е показател дека е време да воспоставиме промени во својот живот и да почнеме духовно да инвестираме во личноста. Како што железото се кали на најсилниот оган, така и човековиот дух се преиспитува во најтешките животни околности. Излез од тешкотиите постои и тој не треба да се бара надвор од нас туку во волјата, карактерот и духовниот капацитет на личноста. Решението за проблемите секогаш произлегува од јасната согледба на причинителите кои ги предизвикале страдањата и од подготвеноста да се иницираат промени во насока на позитивното и дистанцирање од негативното.

Кои начела треба да ги воспоставиме за да ја хармонизираме сопствената душа и да го намалиме влијанието на надворешните фактори?

Нашата душа мора да го бара својот мир, да внимава со какви информации се храни и да се заштити од негативната енергија. Денес код на однесување стана завидливоста, негативизмот, злонамерноста и себичноста, така што врвна мудрост е да ја сочуваме својата позитивна енергија и да умееме да се заштитиме од негативните вибрации на околината. Сепак, колку и да се обидуваме нема да можеме целосно да се заштитиме од лошите вибрации присутни во средината во која живееме.

Негативната енергија ја попримаме од секаде. Ја попримаме од медиумите, бидејќи негативната вест е „посакувана вест”. Медиумите најчесто пренесуваат негативни информации и ги хранат гледачите со неубави вибрации. Лошата вест влијае врз емоциите на поединецот, а нездравата храна и загадениот воздух го напаѓаат телото на човекот. Од една страна, човековиот дух е токсициран со разни негативни информации, од друга е загрозен од разни негативни животни ситуации произлезени од: загаден воздух; неспособни лидери; алчни функционери; корумпирани службеници или раководители; експлоатирачки ориентирани претпоставени; духовно неосвестени и неморални поединци итн.

Доколку се доведеме во ситуација целосно да зависиме од надворешните влијанија и подолготрајно да бидеме во релација со некои од овие лица, тогаш сериозно ќе ја загрозиме психофизичката виталност на својата личност и ќе придонесеме нашата душа да акумулира силни бранови негативна енергија.

Негативната енергија ја попримаме од незадоволните и фрустрирани поединци, ја попримаме од медиумите, но и од разните „избрани“, кои наместо да бидат верни на должноста, да покажат одговорност, знаење, ориентираност кон правдата, правото, моралот и општото добро, како да им е поголем предизвик да си играат со судбината на луѓето, девалвирајќи ги начелата на етиката, општествениот напредок и позитивните основи на животот. Сите овие нешта придонесуваат душите на чесните и одговорни поединци да бидат токсицирани, фрустрирани, незадоволни и несреќни што живеат во општество во кое не се почитуваат хуманите вредности, мудроста и моралната воздигнатост на личноста. Затоа не треба да се изненадиме што многумина спасот од акумулираниот стрес, бесперспективноста и внатрешната празнотија ја бараат во антидепресивите или во разните седативи за смирување, кои миговно ги оддалечуваат од натрупаните проблеми, создавајќи им вештачко решение за излез од кризата.

Лекот е да направиме длабока анализа со кого си имаме работа, да почнеме да се фокусираме кон сопствените вредности и да престанеме да ги трпиме негативните вибрации на околината.

Највисоката цел на постоењето е да ја исцелиме душата, да ја подигнеме свеста и да проникнеме во смислата на позитивното дејствување. Тоа ќе го постигнеме ако размислуваме за состојбата во која се наоѓаме – како се чувствуваме, со кого живееме, кон што се стремиме и што може да постигнеме. Без љубов за сопствената душа и без придвижување кон патот на себехармонизирањето, многу тешко ќе можеме да се заштитиме од негативната енергија и да се извлечеме од несреќните околности на постоењето.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)