Животната средина не е приоритет меѓу пратениците во Собранието

50

Животната средина не е приоритет меѓу пратениците во Собранието, констатираат од 02 Иницијатива откако голем број од народните избраници ја напуштија интерпартиската парламентарна група за заштита на природата и борба против загадувањето и климатските промени.

– После 4 месеци од формирањето на интерпартиската парламентарна група за заштита на природата и борба против загадувањето и климатските промени, која до вчера броеше 43 пратеници – Игор Здравковски ја напушти групата вчера, а по сè изгледа и Коле Чаракчиев, кој само се одјави, без зборМ можеме да сумираме дека само 9 пратеници биле активни од нејзиното формирање до денес. Од нив, пет до шестмина се конзистентно активни низ целиов период. Поразувачки, но таа е реалноста. Ако некој од пратеничкото столче мислеше дека ова е група за алиби, дека ќе глумиме активност, еве да ги разувериме дека се излажале – велат од 02 Иницијатива.

Оттаму велат дека не може од граѓаните да се црпат само правата (на претставување, на привилегии, на плати, на кредибилитет), а за одговорностите кон нив да се прават дека не дослушнале, не добиле инфо, ги нервираат состаноци, немаат време за координација.

– Таму сте да ги претставувате граѓаните и да ги решавате нивните проблеми. Загадувањето е еден од најголемите, затоа и ние сме должни да ги информираме нашите сограѓани кој ги сфаќа овие проблеми сериозно, а кој е вклучен само за избори. Денеска, со најактивните пратеници од парламентарната група: Маја Морачанин, Велика Стојкова-Серафимовска, Ненад Коциќ, Арта Билалли-Зендели, Моника Зајкова, одржавме онлајн средба во врска со предложените измени на Законот за квалитетот на амбиентниот воздух, влезен во собраниска процедура и забелешките кои ги имавме. Вклучена, но без активно учество беше и пратеничката Марија Костадинова. За нашите забелешки свое мислење пред средбата даде и пратеничката Гордана Сиљановска-Давкова, која најави дека нема да може да присуствува поради други обврски – нагласуваат од 02 Иницијатива.

Велат дека преку активна дискусија се сложиле кои од забелешките ќе се преточат во амандмани, а кои се веќе преточени во амандманите на Маја Морачанин, независно од забелешките на 02.

– Овој пат се надеваме, иако мал број на пратеници е активно вклучен, дека ќе се успее навреме, заеднички да се поднесат амандманите и истите да се изгласаат кога ќе дојдат на дневен ред во Комисијата за европски прашања – се надеваат од 02 Иницијатива.