Ова е шанса со ‘македонски пари’ да им се помогне на македонските музичари, не е сега време странци да ни пеат и да заработуваат, додека ние ја чекаме помошта од 14.500 денари, па стотина македонски фамилии ќе земат некој денар, коментираат македонски естрадни ѕвезди.

Жестоки реакции на македонската музичка јавност има деновиве по повод скорешните концерти на балканските музички ѕвезди Жељко Јоксимовиќ/нa 7.08./ и Петар Грашо/нa 1.08./, во Охрид. Што е и логично, најмногу негодуваат македонските пејачи на социјалните мрежи бесни што на странците им се овозможува да заработуваат, додека тие како домашни македонски (ќе) ја чекаат “цркавицата“ од 14.500 денари од владата.

– Сигурно дека Грашо и Жељко нема ни на сон да пеат за 250 евра, нема за микрофон да се фатат за тој бакшиш, разочарано објаснуваат нашите ѕвезди, во куп коментари на ФБ.
Тие се и многу сериозни кога велат дека нема да дозволат нивната татковина спрема нив да се однесува како маќеа, дека им е доста од оваа неправда, дека и тие сакаат да имаат концерти, а не само странците, односно поранешните југословенски пејачи да заработуваат, и тоа слатки пари.

Но, од ПР-службата на овогодишното “Охридско лето“ велат точно e дека Јоксимовиќ ќе гостува на фестивалот. Тој ќе одржи концерт на седми август, насловен како „Два света“ со симфониски оркестар од Белград, со членовите на Белградската филхармонија со почеток од 22 часот. Секако дека ќе се почитуваат сите препораки за заштита од ковид-19, сите владини мерки, а намален ќе биде и бројот на посетители.
Токму и ова дополнително ги погоди нашите пејачи. Велат дека и на нивните настапи би се почитувале мерките, но ниту тоа не им е дозволено.

Зошто? Зашто немаат настапи! Нашите сложно сметаат дека на музичарите од страна, сега не им е место во Македонија во оваа корона ситуација, додека на нашите им се откажани концерти, промоции, веселби, свадби, прослави….

– Ова е срам невиден, но ова е шанса со ‘македонски пари’ да им се помогне на македонските музичари, на нашите семејства….Да не имаат македонски пасош, постојано се приклучени на нашиот буџет, коментираат македонски естрадни ѕвезди.
Д.Миќиќ