ЕПИЛОГ НА „РЕКЕТ“, НАЈГОЛЕМИОТ КОРУПЦИСКИ СКАНДАЛ ВО МАКЕДОНИЈА И КАЈ СЕ ПАРИТЕ: Јанева седум, Боки13 девет години затвор!

Бојан Јовановски-Боки 13 е осуден на девет години затвор, а екс специјалната обвинителка Катица Јанева седум години. Ова е епилогот од шестмесечното судење за најголемиот корупциски скандал во Македонија, “Рекет“. До правосилноста на пресудата Боки-13 останува во притворско оделение во Шутка, а Катица Јанева во домашен притвор. Бранителите на осудените разочарани од пресудата најавија жалби. Обвинителката Вилма Рускоска најави жалба и за двете пресуди. Од Боки 13 и Катица ќе бидат конфискувани и пари и брендирана облека.

201

Бојан Јовановски-Боки 13 е осуден на девет години затвор, а екс специјалната обвинителка Катица Јанева седум години. Ова е епилогот од шестмесечното судење за најголемиот корупциски скандал во Македонија, “Рекет“. На пресудата, во големата сала на Кривичниот суд Скопје, присуствуваа голем број медиумски екипи со оглед дека овој случај предизвика голем интерес не само во земјата, туку и во регионот. Во „Рекет“, освен познатиот шоумен и екс специјалната јавна обвинителка, обвинет беше и Зоран Милевски – Кичеец кој претходно се спогоди со обвинителството и доби казна од три години затвор која сè уште не е правосилна.

Боки 13 останува во притворското одделение во Шутка, до правосилноста на пресудата бидејќи судот го прифати барањето на обвинителката Вилма Русковска за продолжување на мерката притвор , но го одби нејзиното барање за замена на мерката куќен притвор со притвор за Катица. Така, екс специјалната обвинителка останува во домашен притвор од каде ја слушна и пресудата. Имено, на објавата присуствуваше само првообвинетиот, додека второобвинетата Катица Јанева не се појави во судот. Боки 13, коментирајќи го барањето на обвинителот, рече дека се работи за тенденциозно барање и дека не е вистина дека ќе се даде во бегство.

Судот, Боки 13 го прогласи за виновен за сторените кривични дела – „примање награда за противзаконито влијание“ и за „перење пари“, а Катица Јанева за „злоупотреба на службена положба и овластувања“. Судот за определување на казните за сторените кривични дела, рече судијката Васка Николовска Масевска, се водел од олеснителните, брачен статус, но и отежнителните околности, како угледот и положбата на обвинетите.

Осудениот Боки 13, веднаш по изрекувањето на пресудата, побара збор и во негов стил најави дека деновиве ќе достави кривични пријави против, како што потенцираше, вистински сторители на кривични дела во Македонија, а на судијката Васка Николовска-Масевска и порача парите да ги бара од кај Зоран и Вице Заеви, а не кај него.

Судијката Николовска Масевска, откако ја објави пресудата, рече дека во казната ќе им се пресмета и времето поминато во притвор.

– Обвинетата Катица Јанева го прифатила влијанието на Бојан Јовановски и го пречекорила своето овластување и за себе прибавила значителна имотна корист – мебел и 50 илјади евра. Обвинетата Катица Јанева, во ноември 2018 година предложила мерка притвор за обвинетиот Јордан Камчев во предметот „Империја“. Со влијание на Бојан Јовановски на 24 декември до Апелациониот суд Скопје предложи мерката притвор да се замени со мерка куќен притвор, рече судијката во пресудата.

Во образложението за пресудата против осомничениот, судијката истакна дека обвинетиот со незаконски прибавени средства купил луксузна облека од различни светски брендови. Освен казна затвор од девет години, судот донесе одлука на Боки 13 да му се конфискуваат 12 илјади евра.

Сашо Дуковски, бранител на Боки 13 вели дека пресудата која ја донесе судечкиот совет е без докази, а казната затвор од девет години била очекувана. Дуковски посочи дека постапката нема да заврши тука и најави жалба на пресудата. Според него, ако Јовановски ги зел парите, сигурно ќе бил снимен со нив од камерите и веднаш уапсен.

Двајцата адвокати на Јанева, Ирена Фрчковска и Дељо Кадиев изјавија дека се разочарани од пресудата. Сметаат дека казната е превисока и најавија дека правда за случајот ќе бараат и пред меѓународните судови, а очекуваат повисоките судови во Македонија да имаат поголем сенс за правда и правичност.

-Ние како одбрана сметаме дека со вакви пресуди не се враќа довербата во правосудството, напротив, сметаме дека судот треба да суди врз основа на докази, а во конкретниот случај, докази дека Катица Јанева го сторила кривичното дело за кое е осудена не постојат, изјави Кадиев.

 

Во изминатите шест месеци, во текот на судскиот процес беа презентирани низа материјални и вербални докази. Како сведоци за „Рекет“ во судот исказ дадоа бизнисменот Орце Камчев, неговата сопруга Ана Камчева, сметководителката во приватните фирми на Камчеви, новинари од телевизијата 1ТВ, обвинителите Лиле Стефанова, Елизабета Јосифовска, Бурим Рустеми, Фатиме Фетаи од СЈО и други. Обвинителството изнесе видеозаписи и фотографии обезбедени од ПИ-мерки, како и фотографии и записници од одземени предмети од домот и канцелариите на обвинетите, но и видеа направени од домот на сведокот-оштетен бизнисменот Јордан Камчев.

Во описот на обвинителниот акт покренат од Обвинителството за борба против организираниот криминал и корупција, се вели дека обвинетиот Бојан Јовановски, влијаел врз обвинетата Катица Јанева, за таа да донесе поблаги мерки против Јордан Камчев, обвинет во предметот „Империја”, случај кој го почна поранешното СЈО .
Јовановски и Јанева во своите завршни зборови пред судот негираа вина и рекоа дека не го сториле делото за кое се товарат. Обвинителството, според нив, не изнело докази за делото за кое ги товари и дека целото обвинение е врз основа на исказ на еден сведок – кој е оштетен во случајот. Целиот случај за Јовановски е политичка конструкција, додека за Јанева е клевета.

Случајот во меѓувреме, доби и нов тек откако истрагата на 9 октомври се прошири на уште четири лица, меѓу кои потпретседателката на Меѓународниот сојуз Јасна Мандиќ, таткото на Боки 13, Миле Јовановски, и асистентка на Јовановски, Христина Блажевска.

Боки 13: Ова е политичка пресуда, барајте ги парите кај Зоран и Вице Заеви

Осудениот Бојан Јовановски во судница најави дека деновиве ќе достави кривични пријави против вистинските сторители на кривични дела во Македонија, а на судијката Васка Николовска-Масевска и порача парите да ги бара од кај Зоран и Вице Заеви, а не кај него. „Јас овој ден ќе го прогласам како ден на политичката кампања во Македонија. Донесовте политичка пресуда. Парите барајте ги кај Зоран и Вице Заеви, не кај Бојан Јовановски. Во однос на притворот, сметам дека е тенденциозен. Сите овие месеци се покажа и се докажа од ваша страна дека не се работи за обелување на правосудниот систем, туку преку мојот притвор се покажа дека има сплеткани садови. Нема да се дадам во бегство, едвај го чекам први јули, едвај чекам да дозволите да отидам во Јавното обвинителство за сите вистински сторители на кривични дела во оваа земја. Знам дека ќе ми го продолжите притворот бидејќи така ви е наредено“, рече Јовановски.

Русковска: Апсолутно не сум задоволна со пресудата за Бојан Јовановски

Апсолутно не сум задоволна со пресудата за Бојан Јовановски, за кого реално не очекував под десет години казна затвор. Што се однесува до веќе осудената Катица Јанева очекував меѓу седум и осум години затвор, изјави вчера јавната обвинителка Вилма Русковска по објавувањето на пресудите за случајот „Рекет“.
Русковска најави жалба и за двете пресуди.
Прашана дали е задоволна од тоа како заврши предметот, со оглед дека не се најде одговор каде завршиле парите, Русковска, изјави: Јас сметам дека најголемиот дел завршиле кај Бојан Јовановски и Катица Јанева. Тоа е моето лично убедување, со оглед на тоа се што си купувал без никаков приход, а и самите знаете колку чини финансирањето на медиумска куќа, изјави Јовановски.
Во однос на истрагата за „Империја“, Русковска рече дека на истрагата интензивно се работело, но сега поради корона вирусот се уште не работат со странки.

На Боки ќе му биде конфискувана брендираната гардероба, а на Јанева 50.000 евра

Покрај затворските казни кои ги добија Бојан Јовановски и Катица Јанева од нив ќе бидат конфискувани и пари и брендирана облека.
Како што беше речено, на Боки 13 му се конфискува облеката од скапи брендови, што му беше одземена од страна на обвинителката за организиран криминал Вилма Русковска во истрагата, спакувана во 70 вреќи, како и повеќе уметнички слики, мебел и сè што му е стекнато со наводното пуштањето во оптек на парите од земениот рекет.
На Јанева, пак, ќе ѝ бидат конфискувани 50.000 евра, а ако нема пари на сметките, ќе бидат присвоени лични предмети или недвижнини.

(Е.А.)

Фото: П.СТОЈАНОВСКИ