Ексклузивни изданија од Петре М. Андреевски илустрирани од неговата внука

74

Ексклузивни изданија на делата на великанот на македонската книжевност Петре М. Андреевски, излегоа од печат во издание на „Арс Либрис“. Во рамки на едицијата „Македонски книжевни класици“ се 10 книги со прозни и поетски дела, со цртежи кои за оваа пригода специјално ги изработи неговата внука Воскресија Андреевска, школувана на Факултетот за ликовни уметности.

„Реобјавувањето на делата на Петре М. Андреевски секогаш (ќе) претставува празник за македонската книжевност. Овој безвременски писател, од третата генерација македонски зборотворци, се чини, го создаде рецептот за укинување на временските отсечки според кои книжевните појави ги квалификуваме како актуелни и анахрони…“, велат од издавачката куќа „Арс Ламина“.

Деновиве во продажба се најдоа првите две изданија од едицијата: романот „Тунел“ и во едно издание расказите „Боемите“ и стихозбирката „Пофалби и поплаки“, а ќе следуваат незавршениот и последен роман на Андреевски, „Бежанци“ и збирките песни „Јазли“ (во едно издание) и „Лакримариј“. Во следниот период ќе бидат промовирани и книгите: „Последните селани“, „Скакулци“, „И на небо и на земја“, „Дални наковални“ и „Вечна куќа: тажаленки“. Во посебна едиција ќе биде објавена и книгата за деца „Шарам-барам“.

Главната причина што го прави посебно ова повторно враќање на Петре М. Андреевски и што им удира печат на ексклузивноста на овие нови изданија според „Арс Ламина“ е визуелното „читање“ на неговите творби од страна на неговата внука Воскресија Андреевска. „Дадов сè од себе да ги прикажам импресиите што ги имаат оставено неговите култни дела врз мене. За мене беше важно преку моите цртежи да го отсликам и да го оживеам тој посебно богат свет на Петре, за повеќе да го доближам до читателите. Интересно беше што, додека траеше процесот на создавање на повеќето од илустрациите за прозните дела, јас бев во родното село на Петре, селото Слоештица, кое е негов главен, неисцрпен извор на инспирација. Секој лик во неговите книги е приказна сама по себе која влече корени од тие краишта и за мене тоа го направи креативниот процес позабавен и поинспиративен…“, вели меѓу другото Воскресија Андреевска.