Еконастан со работилници, изложба на млади уметници и многу музика

48

По повод Меѓународниот ден на младите, кој секоја година се одбележува на 12 август, „Go Green“ организира работилници, кои ќе се одржат на 11 и 12 август, во Домот на културата „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода. Работилниците ќе се одржуваат од 17 до 20 часот.

В четврток се работилниците „Дизајнирање и креирање екоторба“ и „Инструменти од рециклиран материјал“, додека в петок – работилницата „Дизајнирање и креирање екоторба“. Истиот ден ќе има „Видеопродукција со паметни телефони“, работилница за рециклирање „Спасете ја планетата дома“, работилница за климатски промени „Околу 125 килограми јаглеродна коцка“ и работилница „Намалување на отпадот и правилен избор на отпад во секојдневните активности“. В петок, oд 20 до 22 часот, е „Киното на точак“, во рамките на кое се селектирани кратки филмови на тема волонтерство и екоактивизам.

– Настанот ќе биде супереко, со струја што сами си ја произведуваме со возење велосипеди, без отпад и со свежи пијалаци направени од волонтерите. Затоа дојдете со вашиот велосипед и со вашите термоси или чашки – велат од „Go green“.

На настанот, двата дена ќе има изложба на млади уметници, како и фотоизложба за волонтерство и за екоактивизам. Забавниот дел ќе биде покриен од млади бендови и артисти. Исто така, преку инфоточките на ЕУ и Националната агенција, ќе се информира за програмите и активностите што ги нудат за младите.

Настанот е организиран од Волонтерскиот центар и од „Go green“, а е поддржан од Националната агенција за образовни програми и мобилност, „EU House Skopje“ и од Општина Кисела Вода.

(А.П.)