Европските земји полека ги ублажуваат мерките против корона вирусот. Масовното ширење на омикрон го покренува прашањето дали има смисла да се воведуваат ограничувања?

Во Македонија се очекува Владата да се произнесе по предлогот на Комисијата за скратување на изолацијата од 10 на 7 дена за асимптоматските случаи. Но, на оваа одлука ќе почекаме по враќањето на владините министри министрите од Бугарија. Кај нас изолацијата по контакт со заразено лице се уште трае 14 дена доколку имаат симптоми.

Последните денови Велика Британија, Ирска и Шведска се одлучија за стратегијата на „живот со короната“

Ирска ги укина речиси сите ограничувања поврзани со ковид-19, вклучително и мерките поврзани со угостителскиот сектор, ограничувањата на спортските настани и барањето за доказ за вакцинација за влез во затворени простории. Ирска имаше втора највисока стапка на зараза во Европа, но и најголем број граѓани во Европа кои ја примија третата доза од вакцината.

Затоа, скокот на заразените не доведе до значително зголемување на бројот на пациенти на одделенијата за интензивна нега.

Следејќи ги советите што доаѓаат од јавното здравство, владата одлучи баровите и рестораните повеќе да не се затвораат во 20 часот, ограничување воведено минатата година кога во земјата се појави омикронската варијанта на корона вирусот, ниту пак, да бараат од гостите доказ за вакцинација.

Некои мерки, како носење маска во јавниот превоз и во продавниците, остануваат на сила.

Британскиот министер за здравство, Саџид Џавид порача дека граѓаните мора да научат да живеат со вирусот, бидејќи епидемијата може да остане засекогаш.

Според него, можно е за една година да починат 20.000 луѓе поради инфекцијата, но поради тоа да мора да биде затворена целата земја.

„Короната ќе биде со нас уште многу години, можеби засекогаш, и мора да научиме да живееме со неа. Мислам дека ја водиме Европа во транзиција од пандемија во ендемија и му покажуваме на светот како да живее со короната“, нагласи Џавид.

Шведска го намали периодот на изолација на 5 дена

Шведска, исто така, ги менува своите препораки за тестирање и изолирање на граѓаните поради омикрон. Имено, лицата кои примиле три дози од вакцината, кои се заразиле со коронавирусот во последните три месеци и кои се занимаваат со општествено важни работи, повеќе не мора да бидат во изолација или карантин доколку се зарази некој од членовите на нивното семејство.

Исто така, лицата со заболени со корона можат да се вратат на работа или на училиште по само пет дена, под услов да немаат температура во последните два дена и да се чувствуваат добро. Ова важи и за оние кои не успеваат да тестираат.

Укинување на мерките може да има и во Црна Гора?

Лекарот од Клиничкиот центар на Црна Гора, Немања Радојевиќ, кој се залага за укинување на сите антиепидемиски мерки и суспензија на тестирањето за коронавирус, смета дека тоа ни го овозможува новиот омикрон сој, кој во повеќето случаи дава блага клиничка слика.

„Омикрон дозволи короната  полека да престане да биде медицински проблем, тоа е повеќе политички, па дури и филозофски, ако се гледа од гледна точка на егзистенцијализмот. Толку многу влијаеше на нашите животи во последните две години, така што време е лекарите полека да сфатат дека епидемијата полека се ближи кон крајот, успеавме со вакцинација колку што успеавме, ништо ново нема да се случи ако сега го подигнеме процентот на вакцинација кој е околу 50 проценти во земјите од регионот. Колективен имунитет не можеме да постигнеме, што и да правиме, има лобија против вакцинација… Време е секој да преземе одговорност за своето здравје“, порачува Радојевиќ.

Во Србија мерките речиси и да ги нема, а оние кои официјално се на сила, слабо се почитуваат. Секој ден, се заразуваат повеќе од 10.000 луѓе, но бројот на хоспитализирани сè уште е значително помал отколку во претходните бранови и со претходните соеви. Во некои европски земји, јавно велат – ги укинуваме мерките.

Во меѓувреме, лекарите продолжуваат да повикуваат на претпазливост, но не го кријат својот оптимизам.

„Постојат големи шанси ова да е крајот на короната. Омикрон е веројатно чекор во вистинската насока“, вели српскиот вирусолог д-р Миланко Шеклер.

Австрија в понеделник ќе го укине карантинот за своите невакцинирани граѓани, ден пред вакцинирањето против ковид-19 да стане задолжително во земјата. И Данска планира следната недела да ги укине сите преостанати ограничувања против ковид-19.