Шпанскиот тенисер Рафаел Надал се смета за најдобриот играч на земјена подлога. Но, тој како и Федерер, а за неколку години и Ѓоковиќ, веќе ќе имаат потреба од повеќе одмор, па затоа игра во променлива форма.

Неговиот поранешен тренер и чичко, Тони Надал верува дека по завршувањето на неговата кариера нов „крал на земјата“ ќе биде Австриецот Доминик Тим.

-Тешко е да бидеш како Надал. Играв во исто време со Бјорн Борг, тој беше чудовиште, беше неверојатен, а сепак неговите рекорди беа урнати. Играч кој е во пол позиција да го замени Надал е Доминик Тим, бидејќи најдобро се снаоѓа на земјена подлога. Се надевам дека тоа нема да се случи оваа година, туку понатаму во иднината, истакна Тони.

Австриецот е релативно млад, успеа да дојде до две финалиња против „бикот од Мајорка“ во 2018 и 2019 година, но ги загуби двете. Одмаздата му ја сервираше оваа година кога го елиминираше во четвртфиналето на Австралијан Опен.

Надал е неприкосновен на земјена подлога досега и ретко кога загубил меч. Доказ за тоа се неговите 12 титули од вториот грен слем турнир Ролан Гарос.  Тој и оваа година е главен фаворит за освојувањето на овој турнир, сепак доколку истиот се одржи поради ширењето на заразата од корона вирусот.

Моментално тениските натпреварувања се суспендирани поради пандемијата, а повеќе детали ќе се знаат на крајот од месец април, бидејќи АТП и ВТА до тогаш ги суспендираа сите турнири.