ДОДЕКА ОБВИНИТЕЛСТВОТО СЕ УШТЕ ВЕШТАЧИ: Дрин Ахмети тврди дека пиротехниката била купена легално, а подароците биле за внуците

237

Пиротехничките средства со кои внукот на Али Ахмети, Дрин, беше фатен биле купени легално и не планирал да ги продава. Тој во изјава за порталот „Скопје 1“ кажал дека подароците кои биле пронајдени во неговото возило биле поклони за внуците.

Дрин не смета дека сторил кривично дело, па затоа ќе водел правна битка.

-Во овој момент, нема да коментирам детали бидејќи во тек е истрага и постапка, а мојот правен тим работи на тоа. Можам да го кажам само ова, пиротехниката беше купена легално, а сите други подароци во автомобилот беа за моите внуки и внуци, вели Дрин Ахмети за „Скопје1“.

Тој на 30 декември беше приведен во полициска станица откако полицајци го сопреле неговото возило и во него нашле пиротехнички средства. Во гепекот на неговиот „ренџ ровер“ со албански регистерски таблици беа најдени 749 пиротехнички средства.Инаку, тој во јавноста стана познат откако го купи трговскиот центар „Соравија“ во центарот на Скопје. Купопродажба проследена со низа контроверзии и неодговорени прашања. Никогаш не се дозна колку чинело купувањето, освен дека фирмата на Ахмети треба да исплати долг од 20 милиони евра на претходниот сопственик. Не се знае ниту што правел Дрин Ахмети со цел арсенал пиротехника во неговиот џип.

Од Обвинителството вчера информираа  дека се уште се вештачи запленетата пиротехника. Оттаму веќе соопштија дека за настанот е известен јавен обвинител и оти во зависност од фактите кои ќе бидат утврдени со вештачења на пронајдените пиротехнички средства, јавниот обвинител ќе одлучува за натамошниот тек на постапката. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски изјави дека ја очекува навремената истрага за случајот од Обвинителството.