Светот изминативе денови е шокиран од смртта на 34-годишниот олимпиец Бенџамин Киплагат, еден од најдобрите атлетичари, кој беше убиен во својот автомобил, во близина на кенискиот град Елдорета, познат по врвниот тренинг-центар за атлетичари.

Полуфиналистот на трката на 3.000 метри со пречки на Олимписките игри во Лондон и јуниорски светски вицешампион во таа дисциплина излегол од дома пред Нова година и не се вратил. Бил пронајден во автомобилот, со убодна рана на вратот и на градите, а сега АП јавува дека полицијата почнала да апси во врска со овој случај.

Како главни осомничени се споменуваат двајца мажи, од кои кај едниот бил пронајден ножот со кој наводно е убиен познатиот спортист од Уганда. Наводно, мотивот за убиството бил разбојништво, бидејќи на 34-годишниот Киплагат му биле одземени парите и мобилниот телефон.

Трикратниот олимпиец бил пронајден мртов, со пресечено грло и со убодна рана, а го пронашол неговиот брат. Најголем успех во неговата кариера, покрај Олимписките игри, е тоа што ја освои бронзата во омилената дисциплина на Африканските игри, во 2012 година. Киплагат три пати ја претставуваше Уганда на Олимписките игри, во 2008 година во Пекинг, 2012 година во Лондон и во 2016 година во Рио де Жанеиро.