Деца бегалци без придружба од Грција заминуваат во земји членки на ЕУ

87

Заради поврзување со нивните семејства во земјите од ЕУ извадени се авионски билети за 89 деца бегалци без придружба, кои во моментов се наоѓаат во Грција, соопшти денеска портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас, на редовниот брифинг со новинарите, jави дописничката на МИА од Атина.

Случајот со децата без придружба сместени во прифатните центри беше една од одлуките и приоритет за грчката Влада, за време на состанокот на владиниот совет за надворешни прашања и одбрана одржан пред 10 дена.

-Во однос на децата без придружба, веќе се издадени авионски билети за 89 деца за да патуваат во други земји и одново да се поврзат со нивните семејства. Исто така, постои меѓудржавен договор со Обединетото кралство за прераспределување на дополнителни 60 малолетни лица без придружба (освен 50 кои веќе се префрлени), а постои комуникација со ирската Влада за преместување на уште 36, рече Пецас.

Портпаролот на грчката Влада, објасни дека од крајот на август до сега од островите во другите делови на Грција, префрлени се 1.747 бегалци и мигранти, а се подготвува префрлање на други 1000 лица.