Во несекојдневните видеоприказни актери се младиот Каелиок (18 години) син на режисерката Теона Стругар-Митевска и шестгодишната Веда, ќерка на актерката Лабина Митевска, кои на француски јазик интерпретираат книги за деца

Дека уметноста е семејна преокупација, и работа, и инспирација, и хоби, и стил на живот на семејството Митевски – Лабина, Теона и Вук, тоа го знаеме одамна. Можеби затоа воопшто не нè зачуди новото видео кое излезе од семејната креативна лабораторијата и стана хит на социјалните мрежи. Меѓутоа, во несекојдневните видеоприказни актери се младиот Каелиок (18 години) син на режисерката Теона Стругар-Митевска и шестгодишната Вега, ќерка на актерката Лабина Митевска. Станува збор за видео во кое двајцата „актери” на француски јазик интерпретираат книги за деца.

–  Во ова време кога сме дома поради корона вирусот и децата не одат на училиште сакавме да направиме нешто едукативно, но и забавно.  Вега е второ одделение во Француското училиште ЕФИС, во кое и  Каелиок беше еден од првите ученици.  Јазикот, пред сè, се учи преку практиката, а нашите видеа се обид да им се понуди токму тоа. Идејата e на овој начин да им помогнеме не само на децата туку и на родителите чии деца учат на француски јазик, особено зошто многу од нив не го зборуваат јазикoт. Кога веќе сме затворени дома, зошто да не направиме нешто полезно кое е исто така и забавно, ни рече Теона Стругар-Митевска.

Талентот за актерство на Каелиок го препознавме во филмот „Жената што ги избриша солзите”, од пред неколку години, а неговиот интерес за глума го потврдува и фактот дека во Белгија до минатата година тој одеше во драмска секција. Сепак, ова видео не значи дека тој ќе продолжи во таа насока, напротив во последно време интересот на Каелиок е насочен кон политика , човековите права и правдата. Тој во моментот е ученик во интернационалното училиште НОВА.

Актерството на малата Вега секако, не нè изненади, имајќи предвид дека и талентот е многу често наследен.

Семејството Митевски секој понеделник публиката ја почестува со нова видео-приказна, која Лабина ја подготвува, Вук ја дизајнира, а Теона монтира, снима и режира.

–          Овој период е исклучително комплициран, добивме некоја друга перспектива за улогата на професорите во едукацијата на нашите деца. Отсега натаму се надевам дека ќе научиме навистина да ги цениме. Не можеме да создаваме здраво општество ако немаме добра едукација, вели Стругар Митевска.

–          Таа овој период на дистанцирање поради пандемијата на коронавирусот не седеше без ангажман. Имаше многу мастер класови, учествуваше на панели, комуницираше со продуценти.

– Ако сакаш да останеш нормален треба да се биде активен, категорична е таа.

– На покана на Филмскиот фестивал во Солун да направи филм за короната, која освен неа ја добија уште неколкумина еминентни режисери од светот, таа направи триминутно видео наречено „Семејство”.

Во кратката сторија за видеофилмот на страницата на фестивалот стои:

„Ситуацијата со ковид-19 е добра лекција за сите нас и одличен потсетник за нашата човечка кршливост. Танцување со маска не е лесна задача, таа ограничува, особено зашто се обидувате да го следите ритамот, да бидете достоинствени или елегантни додека танцувате. Танцот значи и спокојство. А семејството е извор на сигурност, на утеха, на енергија и на опстанок – вели Стругар-Митевска.

Лилјана Грџо Дамовска