Да се подигне свеста кај граѓаните за правилно депонирање и селекција на отпадот

142

Во претстојниот период треба да се работи на кампањи за подигнување на свеста кај граѓаните за правилно депонирање отпад, пред се оној што не е биоразградлив, а и да се зголеми свеста за селекција на отпадот, се дел од заклучоците што се донесени на јавната расправа за подобрување на управувањето со отпад во општината Крива Паланка, што ја организираше Регионалниот центар за соработка „Спектар“, во соработка со Општина Крива Паланка, јавното претпријатие „Комуналец“ и НВО Инфоцентар.

-На јавната расправа за подобрување на управувањето со отпад во Крива Паланка, што се одржа преку платформата ЗООМ учествуваа: градоначалникот, Борјанчо Мицевски, директорот на ЈП„Комуналец“, Миле Марковски, претставници на инспекциските служби, претставници на рурални заедници, граѓански организации и граѓани. Истите изнесоа свои видувања на состојбите со управување со отпад во општината, подобрените услуги од страна на ЈП „Комуналец“, воведените новитети во одлагање и селектирање отпад, како и предизвиците со кои се соочуваат надлежните во однос на собирањето смет и управување со отпадот, информира Жаклина Цветковска, модератор на настанот од РЦ „Спектар“.

Директорот на ЈП „Комуналец“, Миле Марковски, посочи дека во изминатите две години се набавени повеќе нови возила во претпријатието, нови корпи за отпад, завршена е тендерската постапка за набавка на дополнителни садови за отпад, а во претстојниот период ќе се зголеми и фреквенцијата на собирање отпад на одредени приградски  локации.

Според градоначалникот Мицевски во општината се врши селекција на отпад, поставени се пунктови за одлагање електронски отпад, стакло и пластика, а се работи и на проектот за приклучување кон регионалната депонија во источниот регион, со што, наскоро ќе се затвори проблемот со нестандардната депонија во градот.

Јавната расправа се одржа со цел да се утврдат расположливите ресурси и потребите за подобрување на управувањето со отпадот во Крива Паланка, како и зголемување на јавната свест кај граѓаните за зачувување на животната средина.

Таа е дел од активностите во рамки на проектот „Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“, кој го спроведува НВО Инфоцентар од Скопје, со поддршка на Меѓународната фондација „Улоф Палме“ од Шведска.