„Живееме во време во коешто елегантно се распаѓаме и ако веќе отмено се распаѓаме, барем журката да биде до крај“, вели Синиша Евтимов, режисер на претставата „Да, инспекторе, претстава со грешки“ по мотиви на текст од Хенри Џонатан, која на 22 октомври (19:30 ч), премиерно ќе се одржи на сцената од театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

„Задоволство ми беше да работам со екипата и првпат со прилепскиот театар и се надевам не последен. Дојдов со идеја да направам претстава која ќе биде на екипата, на театарот… Направивме наша верзија на текстот. Претставата е некој мој поглед на она што ни се случува денеска во градот, во државата, во светот. Живееме во време кога сите се гледаме во очи и се лажеме дека се е океј и одиме натаму, а во принцип отмено пропаѓаме. Ако пропаѓаме барем да биде забавата весела“, додаде Евтимов.

Во претставата играат Илија Волчески,  Димитар Црцороски, Катерина Чакмакоска Клинческа, Александар Тодески, Марија Спиркоска Илијеска, Михајло Миленкоски, Наташа Ачански, Игор Трпчески, Ангела Наумоска и Димитар Ѓорѓиевски.

„Создадовме заедно наше, а публиката ќе го препознае хуморот, што е поразличен од претходните комедии“, изјави актерот Илија Волчески. Според актерката Спиркоска-Илијеска, претставата ќе биде долго на репертоарот.

Ова е втора премиера годинава на театарот „Војдан Чернодрински“ поддржана од Министерството за култура посочи Јасмина Мицовска Станкоска, в.д директор на ЦК „Марко Цепенков“. Сценографијата и костимите во претставата се на Илина Ангеловска, драматург е Ивана Нелковска, преводот е на Дарко Јан Спасов, а тон-мајстор и дизајн на звук е Томе Темелковски.