По отварањето со настапот на шведскиот саксофонист Матс Густафсон и Линда Меј Хан О, Скопје џез фесивал 2021 утревечер (22 октомври) продолжува со концертот на Јордан Костов ансамблот во Македонската опера и балет (20 ч).

Костов е македонски музички уметник, хармоникаш, пијанист, композитор, импровизатор, аранжер и продуцент. Тој ѝ припаѓа на генерацијата млади македонски уметници кои поодамна имаат раскрстено со предрасудите и кои го имаат надминато стравот од нормална творечка комуникација со глобалниот свет, создавајќи свој, уникатен музички израз. Слободна по својата суштина, негвата авангардна музика плови во водите на џезот и музиката на светот, едновремено апсорбирајќи ги влијанијата од класичното творештвото и одржувајќи врска со македонската музичка традиција и нејзините егзотични скали и ритмови.

Од 22 часот во истата сала ќе настапи L.U.M.E. (Lisbon Underground Music Ensemble), формиран и предводен од Марко Баросо. Овој бенд составен од 15 џез и класични музичари гравитира помеѓу афинитетите кон класичниот модел на биг-бенд и неговите реинтерпретации или провокации.

Каме Ајева (попозната како Moor Mother) е американска поетеса, музичарка, пејачка, визуелен уметник и активист од Филаделфија. Репутацијата ја стекна со бескомпромисноста и редизајнирањето на електронскиот ноиз во протестни песни. Со својот длабоко личен музички израз, соединувајќи ги ноизот, политиката и Афрофутуризмот, вокабуларот на хип-хопот и енергијата на панк-рокот, Moor Mother создава нов, огигинален музички „тур де форс“. Во МКЦ (24 ч) таа ќе настапи со специјалните гости: Дуду Којате (со кого изминативе години настапуваше и снимаше како дел од Art Ensemble of Chicago) и Матс Густафсон.