Дали Шилегов ретерира?!

77

Денеска на својата фејсбук-страница се огласи и скопскиот градоначалник, Петре Шилегов кој напиша дека досега никој нема донесено каква било одлука за Универзална сала. Тој најави брифинг на кој јавноста ќе биде запознаена со сите досегашни постапки кои се водени за Универзална сала, како и за идните постапки кои ќе ги спроведе градот, пред да биде донесена каква било одлука

 

Не стивнуваат реакциите од граѓаните, здруженијата, јавни личности, граѓаните,  откако Град Скопје објави конкурс за изградба на парк и летна сцена на местото на Универзална сала. Се огласија и најкомпетентните – Асоцијацијата на архитекти на Македонија. Оттаму објаснуваат дека асоцијацијата во декември 2019 година била контактирана од страна на Град Скопје за организирање на конкурс за нова Универзална сала, со проширена програма кој соодветствува на програмата која ја имаше конкурсот од 2013 година, каде била предвидена изградба на објект од 36.000 квадратни метри, во согласност со постојниот Детален урбанистички план  „Буњаковец 2“.

– Ние посочивме дека на дадената локација објект со толку обемна програма е несоодветно да се постави, што најдобро се покажа токму со конкурсот од 2013 година. Нашиот став беше дека Универзална сала треба да остане во целост таква каква што е и да се реставрира во нејзиниот постоен облик и појавност. Од Градот бевме информирани дека средства за реставрирање и реновирање на постојниот објект на Универзална сала нема. Добиените информации беа дека Град Скопје има утврдено дека Скопје има потреба од поголема, современа концертна сала, со нова програма – велат од ААМ.

Од ААМ било предложено нова Универзална сала, со бараната проширена програма, да се гради на друга соодветна локација. По направената анализа, како можна локација била предложена локација во близина на спортскиот центар „Борис Трајковски“. Оттаму потенцираат дека останува како факт оти постојниот објект на салата е во многу лоша состојба и не функционира повеќе од 5 години.

-Меѓутоа, исто така е факт и дека објектот на Универзалната сала претставува идентитетски топоним во кој е вградено огромно количество од културниот седимент на градот кој е составен од бескрајната низа настани одржани во изминатите 50 години. Бидејќи бевме информирани дека Градот нема средства за реконструкција на Универзална сала, предложивме просторот каде што е сместена Универзална сала да прерасне во јавен простор, кој ќе биде дефиниран по распишување на анкетен конкурс, со што би се добиле идеи за негово идно функционирање и планирање – објаснуваат од ААМ.

Тие го повикаа Град Скопје да ги презентира во јавноста сите наоди кои ги има за постојната состојба на Универзалната сала. Меѓу другото, ААМ ќе поднесе иницијатива до Општина Центар, за новиот ДУП кој е моментално во изработка, оваа локација да биде со намалена површина за градба и истата да биде во рамки на постојниот објект.

 

Во однос на одлуката на Градот реагираше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски кој на својот фејсбук-профил напиша: „Универзална сала е плод на солидарноста и еден од симболите на Скопје. Салата не е само објектот, туку и спомените на скопјани и нема роден скопјанец чиешто детство и младост не се поврзани со Универзалната сала. Затоа, нејзиното рушење не е опција. Ако некој сака да остави белег во Скопје, тогаш тоа нека бидат работите кои ќе ги создаде за Скопје, а не оние кои ќе ги руши“.

Од СДСМ пак возвратија дека крајно несериозно и лицемерно е за планирањето на Скопје да зборува некој кој уста не отвори кога Градот го облекуваа во фасади од барок и стиропор.

-Истиот тој Мицкоски молчеше кога се менуваа фасадите на улица „Македонија“. Молчеше Мицкоски и за зградата на ЕЛЕМ за време на неговото директорување. Разликата е огромна. Додека ВМРО-ДПМНЕ узурпираше и ниту еднаш не ги праша граѓаните за мислење, СДСМ е отворена и заедно со граѓаните носи решенија -реагираа од СДСМ.

Вчера на својата фејсбук-страница се огласи и скопскиот градоначалник, Петре Шилегов кој напиша дека досега никој нема донесено каква било одлука за Универзална сала. Тој најави дека ќе се одржи брифинг со новинари на кој јавноста ќе биде запознаена со сите досегашни постапки кои се водени за Универзална сала, како и за идните постапки кои ќе ги спроведе градот, пред да биде донесена каква било одлука.

(А.П.)