Дали полната месечина навистина ги излудува луѓето?

314

Заедно со Меркур во ретроградна положба, полната месечина е прилично популарен виновник за лоша среќа и бизарно однесување. Имате налетано на некој што се однесува чудно, невообичаено, несвојствено за себе? Префрлете им ја вината на месечевите мени!

Се вели дека нивото на криминал расте и и ургентните центри во болниците се многу пополни за време на полна месечина. Згора на тоа, сетете се на приказната за врколакот. Зошто е ова можно?

Таквите објаснувања поаѓаат од тоа што месечината, која влијае врз океанските приливи, веројатно има сличен ефект и на луѓето бидејќи човечкото тело е во најголем процент содржано од вода.

Ова верување дека месечината влијае врз однесувањето е, наводно, широко прифатено, дури 80 отсто од медицинските сестри и 64 отсто од лекарите сметаат дека е вистина, според студија објавена во 1987 година во Журналот за итна медицина. Овој податок поттикнал тим од истражувачи на Школата за психологија при Универзитетот Лавал во Канада во 2012 година да направи истражување со кое би се открило дали менталната болест и месечевите мени се поврзани.

За да ја проверат теоријата, истражувачите испитале 771 пациенти кои посетиле ургентни центри во две болници во Монтреал помеѓу мар 2005 година и април 2008 година. Избраните пациенти се жалеле на болки во градите, на кои лекарите не можеле да им одредат медицинска причина. Многу од пациентите страдале од напади на паника, анксиозност и нарушувања во расположението, или самоубиствени мисли.

Кога истражувачите го споредиле времето на посетите со месечевите мени откриле дека не постоела поврзаност помеѓу случаите на психолошките проблеми и четирите месечеви мени, со еден исклучок: во последната лунарна четвртина, нарушувањата со анксиозност биле помалку фреквентни за 32 отсто. „Ова може да е случајно или да се должи на фактори кои не сме ги земале предвид“, изјави д-р Женевив Белевил, која го водела тимот на истражувачи. „Но едно нешто е сигурно? Не забележавме никакви ефекти од полна месечина или млада месечина на психолошките проблеми“.

Значи, бидете спокојни (или можеби не): Ако се чини дека луѓето полудуваат за време на полна месечина, нивното однесување е веројатно мошне слично и во останатиот дел од лунарниот циклус.