Граѓаните го избраа идејното решение за спортската сала Партизан

200

Избрано е идејното решение за обнова на спортската сала „Наум Наумовски – Борче“, позната како „Партизан“. Станува збор за проектот подготвен од архитектите Томас Ромеро Тали, Метју Сатори и Хавиер Ромеро.

Општина Карпош  соопшти дека во периодот од 8 до 18 овој месец преку веб страницата www.karpos.gov.mk гласале 1.322 граѓани, а мнозинство гласови, односно 878 добил идејниот проект на тројцата архитекти.

Од друга страна, идејниот проект на Ивона Крстеска, Марија Гелмановска, Ана Грковска и Александар Кочовски добил гласови од 444 граѓани.

– Двата идејни проекти беа подготвени на волонтерска основа од Меѓународната невладина организација „Културно ехо“. И двата гарантираат задржување на автентичноста на објектот, но и додавање на нова вредност на салата, мултифункционалност и прилагодување на урбаниот контекст – информираат од Oпштина Карпош.

Избраниот проект ќе биде доставен до Агенцијата за млади и спорт, по што ќе следи подготовка на основен проект и реконструкција на салата.