Градоначалникот на Општина Илинден нов претседател на Советот за развој на Скопскиот плански регион

33

Советот за развој на Скопскиот плански регион, на денешната седница го избра градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски за нов претседател со мандат од една година, информираат од општината.

Георгиевски ја добил доверба да раководи со Советот за развој на Скопскиот плански регион, кој опфаќа 17 општини и Градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа. Тој доаѓа на местото на градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој изминатата година ја вршеше функцијата претседател.

– Чест и задоволство е да се раководи со Советот за развој на Скопскиот плански регион, ќе ја продолжам успешната работа на мојот претходник, Бобан Стефковски кој посветено работеше, ќе ја реализирам програмата за развој и сите проекти кои се предвидени за работа во следните 365 дена од мандатот – изјави Георгиевски.

Од општината истакнуваат дека основна задача во работењето на новиот претседател на Советот за развој ќе биде јакнење и развивање на капацитетот на мрежите на локалната самоуправа, интензивна соработка со бизнис секторот со цел зголемување на вложувањата во локалната самоуправа и подигање на квалитетот на живеење за сите граѓани од Скопскиот регион.