Градоначалникот на Кисела Вода во хумана акција за помош на жителка на населбата 11 Октомври

76

Билјана Блажевска од населбата 11 Октомври полесно ќе ги мине студените денови кои доаѓаат, откако градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски слушна за нејзината потресна приказна која ја сподели бендот ДНК и се приклучи на повикот за помош, информира општинската прес-служба.

Во соопштението се наведува Ѓорѓиевски, заедно со Панчо од ДНК, денеска ја посети Блажевска и и достави донација што се состои од електричен шпорет и дрва за огрев.

– Ја видов потресната сторија за госпоѓа Билјана. Морам да признаам дека многу ме погоди, нејзината борба за живот е рамна на херојство, битката за нејзините болни синови исто така. Ме погодуваат сите вакви случувања од животот кога во еден момент се руши светот, губиш сѐ, се соочуваш со болести… Животот понекогаш не е фер, но исто така постојат и многу хумани луѓе кои ѝ помагаат. Денес се вклучив и јас, во заедничка акција со ДНК се потрудивме Билјана зимата да ја помине на топло. Од нас побара електричен шпорет кој го обезбедивме, но и доволно огревно дрва за да ја помине целата зима. Но, тука не завршуваме. Проблемите на тетка Билјана се наши заеднички проблеми. Како општество мораме да бидеме хумани и да направиме сѐ за да ѝ го олесниме животот, нејзината болка да ја ублажиме, а потешкотиите да ги надминеме. Солзите радосници и убавиот благослов за мене се најголема награда. Знам и дека има уште многу други хумани луѓе кои ќе помогнат, знам дека заедно ќе успееме. Билјана заслужува достоен живот. Посакувам да има што помалку вакви потесни стории, посакувам животот на никого да не му приредува вакви или слични премрежја. Мојата мисија е општина Кисела Вода повеќе да нема вакви случаи и заеднички тоа и ќе го постигнеме, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.