Градилиштето на новиот мост да се заобиколи со велопатека

176

Тие сугерираат, пред да се постават тараби за градежни работи преку постоечката велосипедска патека, дека треба однапред да се обезбедат патеки за заобиколување со соодветна сообраќајна сигнализација за да нема прекин во велосипедскиот сообраќај по кејот на Вардар

 

Градилиштето на новиот мост што треба да никне во близина на Паркот на езерцата во населбата Аеродром, треба да се заобиколи со пешачка и велосипедска патека за да се овозможи и натаму непречено движење. Од групата скопски велосипедисти ентузијасти „На точак“ сугерираат, пред да се постават тараби за градежни работи преку постоечката велосипедска патека, дека треба однапред да се обезбедат патеки за заобиколување со соодветна сообраќајна сигнализација.

– Возењето до тарабите и присилното враќање назад без навремено известување, како и носењето на велосипедот по скали не е еднакво на безбедно и соодветно заобиколување  – сметаат од „На точак“ и затоа бараат доколку сè уште не се започнати градежните работи да се тргнат тарабите до моментот на обезбедување рампи, но и безбедно и означено заобиколување за велосипеди и пешаци.

Тие предлагаат и да се постават рампи за туркање на велосипеди и соодветна привремена сигнализација и насочување, а во догледно време (наредниве месеци) и подобро пофункционално решение со возливи рампи.

– Велосипедскиот сообраќај и кејот не смеат да страдаат во наредните години додека се вршат градежните работи како што беше случајот (и сè уште е) со прекинот кој го направи мостот за панорамското тркало и сите останати мостови во проектот „Скопје 2014“ – реагираат од „На точак“.

Со проектот за новиот мост има предвидени велосипедски патеки, а од „На точак“ дополнуваат дека мора да има и велосипедски пристапни рампи за спуштање/качување до/од кејот, од двете страни на Вардар.

– Зошто тогаш мостот не се испроектира така што тие рампи би се користеле во овој меѓупериод додека се гради мостот и сè да тече во вонредни услови, со заобиколување, но без функционален прекин – прашуваат оттаму.

Од „На точак“ велат дека кејот е место за рекреација, но и клучна градска велосипедска и пешачка сообраќајница и дека и како таква треба да се третира.

– Велосипедската патека на кејот од нејзината изградба до денес, подолго време е во прекин отколку што е целосно функционална. Не смееме да дозволиме да се случи истото повторно, онака како што се склучи со мостот за панорамското тркало и тоа сега, кога конечно има некаков пораст на велосипедскиот сообраќај. Патем, беше најавено дека оваа пролет кејот ќе биде ослободен и поврзан и во центарот на градот, конечно, после речиси 10 години прекин – потенцираат од „На точак“.

Од Град Скопје информираа дека се работи на изнаоѓање на привремено, алтернативно решение што ќе овозможи слободно движење на велосипедистите.

Подготвителните работи за изградбата на новиот 150-метарски мост, кој по својата конструкција ќе е сличен на мостот „Гоце Делчев“, започнаа на трети март годинава, а вкупната вредност на изградбата на мостот и булеварот низ Керамидница изнесува 365,6 милиони денари. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов тогаш истакна дека всушност ќе се градат два моста, секој со по три коловозни ленти и по една велосипедска и пешачка патека.

– Изградбата на овој мост постои во планската документација на градот уште од 1965 година. Поради отсуство на визија за развој на градот и немање чувство што се вистинските приоритети на овој град, изградбата секогаш била одложувана за некои таканаречени подобри времиња. За помалку од две години Аеродром, Гази Баба и Центар ќе бидат поврзани со нов мост и модерно булеварско решение што ќе го релаксира сообраќајот во овој дел од Скопје – нагласи Шилегов.

(А.П.)