Руските атлетичари изминатите неколку години се на голем удар поради големиот број допинг скандали. Овој пат уште четворица руски атлетичари се осомничени за допинг од кои двајца се олимписки шампиони, соопшти Единицата за интегритет во атлетиката.

Со обвинение за употреба на забранети супстанци или методи се соочуваат Андреј Силнов, олимписки шампион во скок во височина од Игрите во Пекинг во 2008 година, и Наталија Антох која освои злато на 400 метри на Игрите во Лондон во 2012 година.

Единицата за интегритет во атлетиката соопшти дека за кршење на допинг правила се обвинети и Елена Соболева, носителка на златен медал на 1.500 метри од Светското првенство во 2006 година, и Оксана Кондратева, руска претставничка во фрлање на кладиво.