„Гоце Делчев“ и „Стив Наумов“ добиваат урбано уредени дворови

216

Дворот на Студентскиот дом „Гоце Делчев“ добива нов изглед.

Изминатиот викенд е уредено зеленилото во дворот, по што хортикултурно ќе се уреди со високи и ниски садници како последна фаза од проектот.

По оваа завршна фаза, студентскиот дом “Гоце Делчев” за две години добива сосема нова слика.

– Дополнително оформени се нови патеки на движење, а ги уредивме и старите. Поставени се нови клупи и осветлување, паркинзи за велосипеди, нови корпи за отпадоци. Поставена е рампа на влезот во кампусот со што направено е контрола за влез и излез од објектот со моторни возила. Инсталиран е видеонадзор за поголема безбедност на студентите – информира директорот на Државниот студентски центар – Скопје, Дарио Николовски.

Вчера се уредуваше подлогата за нова зелена површина во дворот на Студентскиот дом “Стив Наумов“.

– Ќе поставиме и нови клупи, корпи за отпадоци и летниковци. Долги години запуштената дворна површина во студентскиот кампус „Стив Наумов“ добива ново лице. Оваа површина која до скоро беше непрооден простор ја претвораме во нов парк за студентите. Преку ова студентите добиваат голем урбано уреден двор во кој ќе може да се дружат, но и да споделуваат и стекнуваат нови знаења – вели Николовски.

Претходниве денови беше извршена комплетна дезинфекција на сите четири блока во студентскиот дом “Гоце Делчев”. Дезинфекција беше извршена и во студентскиот дом “Кузман Јосифовски Питу”, а Николовски вели дека завршуваат во студентската населба “Стив Наумов”.

(С.Бл.)