Гир: Македонија да ги испорача препораките од ОЛАФ, пари за „Еразмус плус“ ќе има

Откако Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) побара Македонија да врати 2,2 милиона евра злоупотребени пари преку програмата „Еразмус плус“, амбасадорот на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир, порача дека очекува Македонија да продолжи да ги испорачува препораките дадени од ОЛАФ. Гир рече дека нема да се намалат финансиските средства определени од Европската Унија за Националната агенција за „Еразмус плус“, како и дека ќе продолжи да се имплементира програмата од која младите имаат придобивки

50

Откако Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) побара Македонија да врати 2,2 милиона евра злоупотребени пари преку програмата „Еразмус плус“, амбасадорот на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир, порача дека очекува Македонија да продолжи да ги испорачува препораките дадени од ОЛАФ. Гир рече дека нема да се намалат финансиските средства определени од Европската Унија за Националната агенција за „Еразмус плус“, како и дека ќе продолжи да се имплементира програмата од која младите имаат придобивки. Евроамбасадорот вели дека, согласно со стандардните процедури, не ги коментира одлуките донесени од ОЛАФ, бидејќи, како што рече, тоа е тело на Европската Унија за истражување измами.

– Очекуваме од страна на Националната агенција за „Еразмус плус“ тука, во Република Северна Македонија, да продолжи да ги испорачува и да ги исполнува сите препораки што се дадени од ОЛАФ. Се разбира дека ние продолжуваме да имаме доверба во работата на самата агенција за „Еразмус плус“, што значи дека остануваме убедени дека количеството финансиски средства што се определени за „Еразмус плус“ нема да се намалува. Напротив, ние сме среќни да споделуваме со вас дека „Еразмус плус“ ќе остане да се имплементира и придобивки од неа ќе имаат младите, учениците, студентите и универзитетите во вашата земја – рече Гир, одговарајќи на новинарско прашање.

Директорот на Националната агенција, Марко Ѓоргиевски, во четвртокот, на прес-конференција, соопшти дека биле информирани дека постојат неправилности во врска со проектни досиеја на 22 корисници на грант од програмата „Еразмус плус“, финансирани од Европската комисија. Ѓорѓиевски рече дека не може да соопшти повеќе детали, бидејќи предметот е кај Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и е во предистражна постапка. Тој истакна дека Агенцијата е отворена за соработка и со сите свои ресурси и документација им стои на располагање на Обвинителството што го истражува предметот и на Управата за финансиска полиција. Ѓоргиевски рече дека ќе се разговара со Владата како да нема повеќе вакви скандали во иднина пред Европската комисија со доделувањето и прераспределбата на грантовите.

Генералниот директорат за образование, млади, спорт и култура на Европската комисија, согласно со извештајот на ОЛАФ, на 30 ноември 2023, по е-пошта, пратил известување до Националната агенција за европски образовни програми и мобилност со барање за поврат на средствата, а овој месец Агенцијата примила известување и за конечност на одлуката. Согласно со ова известување, се бара поврат на 2.276.212 евра, кои биле доделени како грантови, во периодот од 2016 до 2018 година.

Поранешната директорка на агенцијата, Лидија Димова, во изјава за неделникот „Фокус“ се навраќа на кривичната пријава што ја поднела во 2019 година, за проневера на средствата. Таа тврди и дека поранешни високи функционери, кои ги наведува со име и презиме, ѝ вршеле притисок да ја повлече пријавата што ја поднела тогаш лично до тогашниот републички јавен обвинител, Љубомир Јовески, и ги замрзнала исплатите на сите спорни проекти од пријавата.

– Во април 2020 година, од Владата ми беше доставен „поздрав“ со листа на проекти што требаше да ги „пуштам“. Во јуни 2020 година, тогашниот премиер Зоран Заев, во присуство на Нола Исмајлоска, побара од мене да ја повлечам кривичната пријава. Во октомври бев разрешена поради „неетичко однесување“ (прашајте го Љупчо Николовски што значи тоа), а во јули 2021 година Нола беше именувана за регионален координатор за ЕУ, се разбира, откако гласаше за промена на името на државата. Во следните неколку месеци, новиот директор на Националната агенција, Марко Ѓоргиевски, ги доисплати сите спорни проекти од шемата вредна 2,2 милиона евра – вели Димова за „Фокус“.