На специфичен начин преку организирана еднонеделна работна агенда исполнета со културно – уметнички и спортски активности, учениците и образовно-техничкиот кадар од ООУ „Јан Амос Коменски“, го одбележаа 60 годишниот јубилеј од основањето на оваа училишна установа.

Имено, во понеделникот, основците од „Коменски“ во рамки на своето училиште одржаа литературно-креативна работилница, на која присуствуваа и уредничките на детските списанија „Росица“ и „Другарче“, Сузана Томовска и Ксенија Маказлиева Трајчева. На средбата се читаа детските литературни творби кои ги креираа учесниците на литературниот конкурс, по што беа доделени и награди за најуспешните млади поети. Потоа, се одржа и интерактивна книжевна работилница на која учениците стекнаа драгоцени искуства и практични совети, пренесени од писателите за деца, Наум Попески, Вера Андон, Ксенија Маказлиева Трајчева и Ненад Георгиевски.

Наредниот ден до доцна попладне беше отворен саемот на книгата под мотото „Прочитај добра книга“. Во него учествуваа десетина издавачки куќи присутни со сопствени штандови, на кои беа изложени голем број на литературни изданија. Оваа манифестацијата со своето присуство ја збогатија писателите Марија Костадиновска и Васил Мукаетов, а за добрата забава со својот перформанс се погрижи жонглерот Дарко Ѓурчиновски од Entertainment production.

Во средата, акцентот беше насочен кон уметноста и модата, при што во рамки на училишниот двор се одржа работилница каде основците изработуваа сликарски и вајарски дела. Притоа, учениците креирајќи ги своите творби добиваа стручни насоки од сликарот Михаил Корубин, како и од професорот Беди Ибрахим, од Факултетот за ликовна уметност. Веднаш потоа се одржа и модна ревија предводена од членовите на модното студио „Црнокрак“, на која продефилираа учениците од „Коменски“, претставувајќи се со прекрасните креации во категориите на висока мода, еколошки материјали и слободен избор.

 

Следниот ден беа реализирани спортските активности под наслов „Спортот е моето здравје“, каде во училишниот двор и во спортската сала се одржаа штафетни игри. По тој повод се одиграа и неколку натпревари во одбојка, кошарка и фудбал.

Завршниот дел од еднонеделните активности беше посветен на театарот и екологијата. Оттука, основците од прво до шесто одделение во училишниот хол ја одржаа претставата „Сончев систем“, а веднаш потоа, учениците со своите родители засадија 60 зимзелени садници, кои ќе ја красат оваа околина. Во насока на продлабочување на пријателските релации, ООУ „Јан Амос Коменски“ денеска потпиша и Меморандум за соработка со ОШ „Иво Лола Рибар од Велико Градиште (Србија), кое воедно е трето училиште со кое „Коменски“ има воспоставено збратимени односи.

Инаку, основното училиште „Јан Амос Коменски“ кое се наоѓа во населбата Тафталиџе 1 е изградено веднаш по катастрофалниот скопски земјотрес во далечната 1963 година, како гест на хуманост и солидарност од граѓаните на тогашна Чехословачка. Училиштето започнува со работа во април 1964 година, а стартувајќи од учебната 2008/2009 година со поддршка на Општина Карпош, основците учат во новоизградена училишна зграда којашто е проектирана според модерни европски стандарди.