Израелскиот министер за одбрана, Бени Ганц денеска се закани дека Израел е подготвен да го нападне Иран. Заканата уследи по нападот врз танкер во близина на Оман, при што загинаа двајца членови на екипажот.

Израел, САД и Велика Британија за нападот го обвинија Иран, додека Техеран демантира каква било вмешаност во инцидентот.

„Се наоѓаме во момент кога мораме да преземеме воена акција против Иран, светот исто така мора да преземе мерки против Иран“, посочи Ганц.

Танкерот „Мерсер стрит“, што пловеше под знаме на Либерија, а е на компанијата „Зодијак маритим“, чиј сопственик е израелскиот милијардер Ејал Офер, беше нападнат од беспилотно летало на 29 јули во Арапско Море. Загинатите членови на екипажот беа британски и романски државјанин.