Австралијци направија хаос во олимпиското село во Токио, за време на настапот на Игрите. Имено, Олимпискиот комитет на Австралија (АОК) објави дека некои членови на тимот предизвикале материјална штета во собите во Олимпиското село, а потоа и дека фудбалерите и рагбистите се опиле и направиле неред во авионот на пат кон дома.

Наводно, неименувани членови на олимписката експедиција скршиле и оштетиле неколку кревети во олимпиското село, а во соби биле направени и дупки во ѕидовите.

Меѓутоа, АОК одлучи да не поведе дисциплинска постапка, „откако се извини за направената штета“.

  • Некои од овие млади луѓе направија грешки и ги напуштија своите соби во неприфатлива состојба, изјави шефот на Австралиската олимписка делегација, Јан Честерман.

Извршниот директор на АОК, Мет Керол, веќе одржа разговори со челниците на Фудбалската федерација на Австралија и Рагби федерацијата на Австралија и ги информираше дека некои членови на репрезентацијата се однесувале „крајно неприфатливо“ во авионот, во кој имало вкупно 49 спортисти. Како што истакнал еден од патниците, група австралиски спортисти „пиеле цел пат и не ги носеле задолжителните маски на лицето“.

  • Иако не добивме официјална жалба од јапонската авиокомпанија, бевме информирани за неприфатливото однесување на поединци, и јас веднаш го претставив овој проблем на челниците на фудбалските и рагби федерациите. Исклучително е разочарувачки што спортистите се однесуваа така и претставниците на нивните федерации искрено се извинија на целиот олимписки тим на Австралија. Тие сега ќе преземат соодветни мерки против сторителите и ќе не известат за тоа, вели Керол во официјалното соопштение.

Исто така, се наведува дека фудбалерите и рагбистите целосно ја демолирале витрината со алкохолни пијалаци во „боинг 787“, на јапонската национална авиокомпанија. Некои патници, исто така, известија дека австралиските спортисти повраќале во авионот, дека биле исклучително бучни и груби и дека еден од тоалетите го оставиле во хаотична состојба.