Врнежите од дожд добредојдени за земјоделството

27

Стабилното време изминатата седмица, како и дневните температури кои достигнаа натпросечни вредности за овој период од годината, придонесоа за пролетно будење на овошките.

Според агрометеоролозите, најавените врнежи во наредните денови се од големо значење за земјоделските култури, но и за подготовка на почвата за садење, како и за успешно навлегување во посевите во период на пролетен развој.

– Во наредните денови, за време на викендот, времето ќе биде сончево и релативно топло со мала до умерена облачност.  Најавени се врнежи од дожд на повеќе места. Наместа врнежите ќе бидат пообилни, особено во западните и јужните делови, над 20 литри на квадратен метар. Појавата на врнежи од дожд е од големо значење за земјоделските култури зашто го одржува на исто ниво пролетното будење на овошките, што е поволно во овој период од годината. Исто така, врнежите од дожд го подобруваат водно-физичкиот режим на почвата, ја надополнуваат влагата во почвата, која е потребна во овој период – велат агрометеоролозите од УХМР.

Како што наведуваат, побарувањата на вода се големи, речиси кај сите земјоделски култури.

– Според физиологијата на растенијата, почвената влага е потребна за пролетна подготовка на почвата за садење на одредени култури, како и за успешно навлегување на посевите во период на пролетен развој – истакнуваат  агрометеоролозите.