Вработените на ЈСП на минус 9 степени чекаат пред Советот на Град Скопје, автобусите се паркирани во базите

2276

Скопје од 9 часот е без јавен градски превоз. По нормалното функционирање на превозот од 4:30 до 9 часот, автобусите беа повлечени во базите, а возачите заедно со останатите вработени од ова јавно претпријатие се на протест пред Советот на Град Скопје, каде што треба да се одржи вонредна седница за исплата на субвенции на ЈСП.

Вработените, кои по слободна проценка протестираат околу петстотини пред Советот на Град Скопје, се одлучија на овој драстичен чекор во знак на притисок врз советниците кои на последната седница не ја изгласаа точката за доделување на 11 милиони евра субвенција со што треба да им бидат исплатена декемвриската плата.

Претседателот на синдикатот на ЈСП, Миќо Стојановски за весникот ВЕЧЕР изјави дека ако не се изгласа одлуката за субвенција, тогаш ќе има голем проблем со јавниот градски превоз. Тој рече дека нема да се согласат со нецелосна исплата на сумата.

– Тука сме и го чекаме исходот. Ако се донесе позитивна одлука спремни сме возачите веднаш да ги извадат автобусите од базите и да се вклучат во сообраќај, иако платите нема веднаш да легнат на сметките на вработените. Сакаме во 2024 година да бидеме мирни по тој основ, односно да имаме редовни плати и повеќе да не се занимаваме со советниците на Град Скопје – рече Стојановски.   

Инаку, седницата се уште не е почната. Дојдена е градоначалничката Данела Арсовска, но затоа пак, го нема претседателот на Советот, Трајко Славески.

Вработените на ЈСП трпеливо чекаат на минус 9 степени Целзиусови, а пред оградата на Град Скопје заедно со нив се мрзнее и полицијата. А и граѓани со часови чекаат автобуси на можеби најстудениот ден зимава.

Од новата партија на Арсовска, Нова алтернатива велат дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ  ја блокираат и опструираат нормалната работа на јавните претпријатија во Градот Скопје.

– По втор пат Мицкоски се обидува да предизвика хаос со градскиот превоз во главниот град, на штета на скопјани. Нова Алтернатива најостро ги осудува обидите на Мицкоски за собирање политички поени на грбот на граѓаните. Имено советниците на ВМРО-ДПМНЕ одбиваат да ги гласат програмите на јавните претпријатија меѓу кои и онаа на ЈСП со што директно ја блокираат нормалната работа на претпријатието и редовната исплата на плати кон вработените. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ заедно со управниот одбор на претпријатието се директно одговорни за доцнењето на платите на вработените во ЈСП – велат од Нова алтернатива.

(А.П.)