Во штипскиот вакцинален пункт веќе десетина дена се врши само ревакцинација на населението. Досега се имунизирани над 95 отсто од граѓаните, кои на пунктот во салата „Јордан Мијалков“ ја имаат примено вакцината на „Синофарм“.

Дијана Коцева-Миланова лекар на вакциналниот пункт во Штип вели дека ревакцинирањето на населението се одвива без проблеми.

„Со ревакцинирање завршуваме утре, со што околу 20.000 граѓани од источниот и југоисточниот регион ќе бидат имунизирани, односно со две примени дози на вакцината на „Синофарм“, вели Коцева-Миланова.

Таа очекува вакцинирањето на населението со прва доза на вакцина да продолжи од понеделник, а имаат и најава од ресорното Министерство дека вакцини ќе пристигнат. Според Коцева-Миланова, се уште имаат интерес од страна на населението и постојано доѓаат на пунктот да се информираат, кога повторно ќе почнат со аплицирање на вакцини против коронавирусот.