Во Тетово претставени иновативни решенија за намалување на аерозагадувањето

80

Пет иновативни проекти за намалување на загадувањето на воздухот беа промовирани денеска од страна на Фондот за иновации и технолошки развој на Научно технолошкиот парк при Универзитетот на југоисточна Европа во Тетово. Активноста е во соработка со министерството за животна средина и просторно планирање, a е во рамките на јавниот повик за финасирање проекти за намалување на загаденоста на воздухот – О2 Предизвик што беше распишан есенва.

Според директорот на Фондот за иновации и развој, Јован Деспотовски, петте модели и предлог решенија на избраните компании на нивниот повик О2 Предизвик не се конечно решение за загадувањето на воздухот што е особено присутно деновиве.

– За целосно и конечно решение на овој проблем потребно е вклучување не само на сите институции, туку и на останатите чинители во општеството вклучително и на поединците. Наша цел како Фонд заедно со надлежното Mинистерство е да дадеме придонес во решавањето на овој проблем што не мачи сите, бидејќи податоците покажуваат дека и денеска воздухот во Тетово повторно е загаден. За овој повик одвоивме буџетски средства од околу осум милиони денари и очекуваме дека многу скоро во следните месеци, по финалната доработка, на дел од петте решенија ќе бидат пуштени во пилот употреба, но и во масовна употреба, рече Деспотовски.

Тој посочи дека покрај петте предлог решенија на овој тематски повик во рамките на редовните повици од планот за економски раст на Владата има уште десетина проекти што се однесуваат на намалувањето на аеро загадувањето што исто така се во фаза на реализација. Деспотовски очекува дека со реализација на овие петнаесеттина решенија многу брзо ќе се видат ефектите за намалување на загадувањето на воздухот.

Како пример беше посочен електричниот велосипед што има филтри за прочистување на воздухот поставени на тркалата за што, како што рече Деспотовски, ќе биде потребна подршка и од Фондот и од министерството да биде ставен во масовна употреба особено во урбаните средини најпрво преку пилот употреба во Тетово , Скопје или некој од другите поголеми градови во земјата.

– Единствен начин за решавање на проблемот е одржлив развој, односно промена на навиките и не само како индивидуи туку како општество, истакна Филип Поповски од тимот Гет-велосипед на компанијата Минито во соработка со студенти од машинскиот факултет, што го изработи прототипот на велосипедот.

Од останатите решенија денеска беа претставени и материјали за филтри, соларни ќелии за затоплување, систем за изолација и инфо портал на клиенти и инвеститори за замена на нееколошко со еколошко затоплување.

– На вчерашната седница на Владата официјално помина и Програмата за намалување на загадувањето на воздухот. Во рамките на оваа програма беше прифатен и предлогот на граѓанската организација Еко герила од Тетово за поставување на филтри во повеќето објекти и компании во полошко што работат со дрво и столарија, при што дел од нив го користат својот отпад за затоплување, што како последица има штетни емисии во воздухот, изјави заменик министерот за животна средина Јани Макрадули

Во однос на состојбите со нечистење на улиците од отпад по топењето на снегот, Макрадули посочи дека нивното миење на минус четири степени, би ги искомпликувало работите поради замрзнување и оти тоа е причината што улиците не се мијат со вода во овој временски период.

– Дел од општините не го почитуваа и нашиот апел за запирање на градежните активности во изминатиот период на енормна загаденост, но морам да посочам дека ги запревме само интервентните мерки кои важат во вакви вонредни услови, додека според усвоената програма, активности за поодбрување на состојбите со воздухот ќе се спроведуваат постојано, рече Макрадули

Тој информираше дека Државниот инспекторат вчера го доставил и извештајот за контролираните компании со А интегрирана еколошка дозвола, што се во негова надлежност, со сите податоци за тоа кој од овие капацитети работел и дали имало злоупотреби, бидејќи како што рече, дел од овие компании прекинале со работа еден ден или го намалиле капацитетот за 50 отсто како што било побарано од Министерството.

Постоењето на високите нивоа на загаденост во полошко и на други места според Макрадули е резултат на голем дел од домашното затоплување.

-Состојбите во полошко по затворањето на Југохром покажуваат дека просечните годишни нивоа се намалени во однос на периодот додека комбинатот работел така што остануваме на ставот дека поставувањето на филтри на Југохром е главен услов за негово рестартирање. Од друга страна, Тетово заедно со Скопје, Битола и Куманово има високи нивоа за аерозагадување поради домашното затоплување и ние во програмата предвидуваме околу 1,2 милиони евра за поддршка на домаќинствата да преминат од нееколошки системи, дрва, јаглен и друго на еколошки системи за затоплувањее како инвертори, вискоеколошки печки со два филтри и слично, рече Макрадули.

Градоначалничката на општина Тетово Теута Арифи ги поздрави денеска претставените иновативни решенија како можност да се влијае врз намалување на аерозагадувањето. Таа посочи дека како локална власт се залагаат за долгорочни решенија како што е гасификацијата и за што е подршка од централната власт, но оти биле и меѓу првите општини што уште пред три години донеле посебни мерки за справување со загадувањето на локално ниво.

Во однос на можни радикални решенија како што е возење пар – непар што било побарано од граѓани, Арифи рече дека оваа мерка подразбира дека покрај локалната власт тука треба да биде вклучена и полицијата што не може детално да се искоординира веднаш и затоа остануваат на своите мерки кои покажале свои резултати.